По неуспешното германско претседавање со ЕУ, темата за наоѓање алтернативни методи за поврзување на регионот со „обединетата“ Европа, преку пристапување во Европската економска заедница, станува сѐ поактуелна и во Берлин

Дали по сѐ поголемата неизвесност за проширување на Европската Унија кон Балканот идејата за пристапување на земјите од Западен Балкан во Европската економска заедница станува пореална и подоминантна меѓу креаторите на заедничката европска политика во Брисел? По неуспешното германско претседавање со ЕУ, темата за наоѓање алтернативни методи за поврзување на регионот со „обединетата“ Европа станува сѐ поактуелна. Само за две недели во влијателните германски медиуми „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и „Дојче веле“ се анализираат можните излези од ќор-сокакот во кој влезе процесот на проширувањето, на кој завршен удар беше и бугарското вето за почнување на преговорите со Македонија (и Албанија). Новинарот на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, Михаил Мартенс, отворено и без дипломатска реторика ни ја соопшти вистината, во која никој од балканските политичари не сакаше да поверува.
– Никој веќе не верува во проширувањето, а во наредните десет години влегувањето на земјите од Балканот во ЕУ се смета за крајно нереално – напиша Мартенс во својата последна анализа.

И досега имало многу анализи и политички процени за причините за закочување на проширувањето на ЕУ. Досега тоа беа неспроведувањето на реформите во земјите од регионот или внатрешната криза во ЕУ, но во анализата на германскиот новинар првпат се споменуваат и „геополитичките“ причини за ставањето на рампата за прием на земјите од Балканот во европското друштво.
– Во ЕУ со тешка мака се носат одлуките со сегашните 27 членки, со 33 тоа уште повеќе ќе дојде до израз. Замислете што би значело кога Србија како членка на ЕУ би имала право на вето за прашањата поврзани со односите меѓу ЕУ и Русија – посочува Мартенс.
Рецептот за кој во последно време сѐ повеќе се зборува, а кој би требало да ги задоволи балканската и европската страна, се состои во тоа на балканските држави да им се дозволи да влезат на внатрешниот европски пазар, а тие би имале целосна економска, но не и политичка партиципација. Од балканските лидери изостана поцврст став со кој би се отфрлил предлогот за „делумно“, односно само за економско поврзување со ЕУ. Единствено претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, призна пред медиумите дека „македонскиот државен врв добил понуда за членство во Европската економска заедница“, но дека понудата била одбиена, затоа што, како што нагласи Пендаровски, нема(ло) друга алтернатива од полноправно членство во ЕУ.

– Некои од нас во регионот, можам да зборувам само за Македонија, добивме понуда од многу високи функционери да станеме членка на Европската економска заедница. Јас веднаш ја одбив оваа понуда, затоа што овој тип размислување е катастрофален на долг рок. Економската интеграција не е доволна ако не следува политичка интеграција, клучно е тие да одат паралелно, она што недостига во Брисел е практична заложба на ангажиран пристап, со што ќе се докаже дека Западен Балкан е голем стратегиски и геополитички приоритет – изјави македонскиот претседател на видеоконференција за Западен Балкан, организирана од „Пријателите на Европа“.
Меѓу европските политичари, особено од Германија, е присутно размислувањето дека ЕУ не смее да биде рамнодушна за судбината на Балканот. Засега единствено решение за нивното поголемо приближување се билатералните договори за стабилизација и придружување, а овие документи се замислени како меѓуфаза на долгиот пат за полноправно членство. Но клучното прашање е дали тоа може да биде доволно атрактивно за регионот, да им се спротивстави на девијациите што произлегуваат од автократското владеење во некои земји од регионот, а во исто време и да се држи реформскиот курс. Затоа, како што забележува Елмар Брок, истакнат член на партијата ЦДУ, потребно е да се понудат „реалистични привремени решенија“, како што е членството во европскиот економски простор. Брок ги посочува и успешните ефекти од овој модел, кој се применува со Норвешка, Исланд и во Лихтенштајн, пренесува „Дојче веле“.

Од почетокот на годинава имаше и други размислувања и идеи за наоѓање „алтернативни“ за застојот во приближувањето на Западен Балкан кон Европската Унија. Весна Пусиќ, шефицата на хрватската дипломатија, во време на влегувањето во ЕУ, изјави дека треба да се разговара за нови пристапи, затоа што во процесот на проширување во неговата изворна форма повеќе никој не верува во регионот и за тоа, како што вели таа, има добри причини.
Доколку ЕУ остави вакуум во Западен Балкан, во него ќе влетаат други сили, кои не ги делат демократските вредности на ЕУ, вели германскиот министер за Европа, Михаел Рот.
Тој изрази разочарување што немало напредок во интеграцијата на земјите од Западен Балкан за време на претседателството на Германија со Европската Унија во изминатите шест месеци.
– Итно ни се потребни позитивни сигнали за Западен Балкан. Вака нашиот кредибилитет може да биде доведен во прашање – рече Рот во разговор со дописникот на германскиот весник „Ханделсблат“ во Брисел.