Најмалку 500 албански полицајци одбиле да подлежат на процесот на контрола која треба да утврди дали се дел од корумпирани структури или не, и ја напуштиле службата.

– Недела пред истекот на рокот за предавања на формуларите што ги добија сите полицајци во земјата, самоволно работата ја напуштија 500 полициски службеници. Нашата статистика потврдува дека околу осум илјади или 60 отсто од полициските службеници веќе ги доставиле потребните формулари – објави порталот „Албеу“ повикувајќи се на извори од Министерството за внатрешни работи.

Од таму дообјаснуваат дека во формуларите се бара да се наведе економската состојба на полициските работници од почетокот на нивното ангажирање во МВР.