Над 50 загинати и повеќе од 100 повредени е билансот од вчерашните пожари во Грција, според најновите официјални информации од портпаролот на грчката влада.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Димитрис Ѕанакопулос, кусо пред 3 часот утрово, соопшти дека „Атика се соочува со многу тешка ноќ“.

-Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца – рече Ѕанакопулос.

Според информациите на грчките медиуми, утрово, бројот на загинати се зголемил на 24 лица, а повредени се над 150. Меѓу жртвите има и деца.

Загинатите се во источниот дел на областа Атика, каде што дел од луѓето, поради брзото ширење на пожарот, биле заглавени во нивните автомобили и домовите, додека, пак ,за дел, причината за смртта е давење, откако спас од огнената стихија, побарале во морето.

Според спасувачите од Црвениот крст, во двор на таверна во населбата Мати, во источниот дел на областа Атика, биле пронајдени тела на 26 лица, објавуваат грчките медиуми.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, спасувачот Андриопулос од Црвениот крст, за грчката телевизија Антена, рече дека во нивната акција биле пронајдени телата на 26 лица, мажи, жени и деца. Според неговото сведоштво, луѓето веројатно се знаеле меѓу себе, спасувачите ги пронашле прегрнати во неколку групи.

Претпоставките на спасувачите се дека луѓето тргнале кон морето за да се спасат, но на 30-40 метри оддалеченост, поради големината и јачината на огнените јазици, нивните обиди биле залудни.

Во Грција, постои стравување дека во текот на денот, уште ќе се зголеми бројот на жртвите.

Цела ноќ, до рано утрово траеше акцијата за спасување на луѓето заглавени на плажите во месноста Рафина, во источниот дел на областа Атика. Со приватни чамци и бродови, со бродови од редовните линии меѓу Атина и грчките острови, со фрегата и воени бродови од Министерството за одбрана на Грција и на грчката крајбрежна служба, се спасуваа граѓани по морски пат.

Според заменикот министер за поморство, Некатариос Санторињос, вкупно 639 лица биле спасени, додека пак според министерот за одбрана на Грција, воената фрегата „Ели“, спасила72 лица.

Околу 1 часот по полноќ во Атина влезе и последниот автобус со евакуираните 621 деца од летните кампови во организација на општина Атина.

Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.

Грчкиот премиер, како што вчера објави МИА, ја прекина посетата на Босна и Херцеговина и не учествуваше на манифестацијата во Мостар и се врати итно во Атина. Кусо пред полноќ, Алексис Ципрас го посети центарот за справување со кризи на грчката противпожарна служба, каде што со министрите од владата одржаа состанок и беше информиран за ситуацијата и рече дека е „тешка ноќ за Грција“.

Во гаснењето на пожарите, учествувале над 600 пожарникари со над 400 возила , седум канадери и 10 хеликоптери. Активни беа три жаришта, додека пак, утрово, пожарот иако е ставен под контрола, сė уште не е целосно изгасен.