Во малата земја со едвај 620.000 жители се засилуваат бесните протести во редок случај на покажување пркос кон претседателот Мило Ѓукановиќ, човекот кој од слуга на Слободан Милошевиќ се претвори во најдолговечен лидер во Европа, пишува американскиот магазин „Блумберг“.

Ѓукановиќ сега сака да воспостави и своја православна црква и така да ја оддалечи својата земја од орбитата на Русија и на Србија. Во спроведувањето на тој план, државата планира да ги одземе црковните имоти на СПЦ, вклучувајќи го и Острог, но верниците ставија до знаење кому се верни и на чија страна се.

Изграден на речиси вертикална карпа со спектакуларен поглед кон долината, манастирот Острог претставува едно од најголемите светилишта во Европа и од 17 век наваму преживеал многу војни и превирања.

Комплексот цркви сега е симбол на нова борба околу културниот идентитет, а во светот на православното христијанство неминовно станува збор и за моќ и нација. Манастирот ѝ припаѓа на Српската православна црква иако се наоѓа во Црна Гора.

Црна Гора се приклучи во НАТО во 2017 година и го продолжи својот пат кон ЕУ, но вртењето грб на СПЦ за многумина е чекор предалеку.

– Никогаш во историјата еден атеист и комунист не направил црква. Неверојатно е колку ѝ е посветен на таа задача. Улогата на црквата е да ги спасува луѓето од гревовите, не да создава нови нации – вели Јован Радовиќ, свештеник во Острог.