Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Алијансата е значително посветена на потребата на заштита на податоците, доверливите информации и документите, по наводите дека безбедносните структури во Црна Гора одале тајни податоци за една членка на воениот сојуз.

– Постојано соработуваме со сите сојузници во НАТО како би се осигуриле оти постојат процедури за заштита на доверливи информации – кажа Столтенберг на прес-конференцијата одржана во пресрет на состанокот на министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО.

Генералниот секретар на НАТО посочи дека Алијансата исто така има процес на проверка кој се однесува на сите членки, а особено на новите, при што персоналот кој има пристап до тајните информации на НАТО поминува низ соодветна контрола, за максимална заштита на податоците.

Црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ во неделата категорично тврдеше дека в.д. директорот на црногорската Агенција за национална безбедност Дејан Вукшиќ е неправедно и непрофесионално обвинет за одавање тајни податоци на членка на НАТО од одредени пратеници кои се членови на собранискиот одбор за безбедност. Тој посочи дека Вукшиќ не открил податоци добиени од НАТО, туку дека станува збор за интерен документ на агенцијата.

Потпретседателот на црногорската влада Дритан Абазовиќ при минатонеделната посета на Брисел изјави дека Црна Гора останува приврзана на политиките и вредностите на НАТО.

Во Брисел моментно се одвива дводневен состанок на шефовите на дипломатиите на НАТО.