Статистиката за насилството над жените во Србија сѐ уште е поразителна, бројот на убиените жени од 2000 година досега е ист на годишно ниво, предупреди државната секретарка на Министерството за внатрешни работи Биљана Поповиќ Ивковиќ, на конференцијата „Спречување и искоренување на фемицидот во Србија“, на која беа презентирани податоците од првото интердисциплинарно истражување на оваа појава во земјата.

– Семејното насилство е проблем на општеството во целина и за државата. Секој има обврска да даде придонес насилството да се сведе на минимум – изјави таа.
Во 2018 година бројот на изречени итни мерки за заштита на жените од домашните насилници изнесува 27.042, а во 2019 година се изречени 23.097 итни мерки. Од 35 случаи на убиени жени во 2018 година немало претходно пријава за насилство, а во 2019-та од 28 убиства, не било пријавено за 15.

– Кога насилникот ќе одлучи да убие, тогаш го прави тоа и не избира средства. Жртви не се само емотивните партнерки туку и членови на семејството, а има и убиство на мајки, баби, тетки и деца. Семејното насилство помалку се пријавува во руралните средини. Затоа, мора да се работи на превентивата и да им се каже на жените дека не се сами – вели Биљана Поповиќ Ивковиќ.

Поранешната повереничка за заштита на рамноправноста Невена Петрушиќ рече дека истражувањето ја потврди хипотезата дека на убиството му претходело долгогодишно насилство и посочи дека повеќе внимание треба да му се посвети на моментот кога жртвата ќе сака да го напушти насилникот, а тоа е моментот кога се случува и злосторничкиот чин.