На Марковиот плоштад во Загреб, каде утрово со истрели од калашников беше тешко ранет полицаец, а напаѓачот потоа на друго место се самоуби, се наоѓаат многубројни полициски сили. До плоштадот, кој е централно место на главниот град на Хрватска, не е дозволен пристап за посетители, а го надлетуваат и хеликоптери.
Полицијата објави детали за напаѓачот.

– Можниот извршител на обидот за тешко убиство на 31-годишниот полициски службеник на плоштадот Свети Марко и воедно лицето кое на подрачјето на Јабуковац изврши самоубиство, според досегашните утврдени информации, е 22-годишен хрвстаки државјанин. Лицето не е претходно познато на службениците – соопшти полицијата.

Како што пренесува Дневникот Нова ТВ, напаѓачот е од Кутина, доаѓа од семејство на воени ветерани, а мотивот за нападот се уште не е познат.

Напаѓачот веднаш по нападот оставил порака на Фејсбук. Во неа пишува дека му е „доста од измами и газење на човековите вредности“ и дека некој мора да одговара за тоа.

Ранетиот полицаец има прострелни рани во раката и во телото, но засега функциите му се стабилни. Како што соопшти полицијата, тој е опериран и состојбата му е стабилна.