Во земјите од Западен Балкан постои и родова нееднаквост при вработувањето на младите лица

Просечната стапка на невработени млади лица на Западен Балкан минатата година изнесуваше 35,1 отсто. За споредба, невработеноста на младите во Европската Унија е двапати пониска, односно 16,7 отсто. Ваквата неповолна состојба на Балканот може да се припише на пандемијата на ковид-19, која го прекина растот на отворање нови работни места, но причините се повеќеслојни, предупреди Мајлинда Брегу, генералната секретарка на Советот за регионална соработка, на претставувањето на Студијата за невработеноста меѓу младите на Западен Балкан, во рамките на собирот што се одржа во Сараево, на кој беше претставена Платформата за вработување и социјални прашања 2 (ЕСАП 2).
На конференцијата под слоганот „Дајте им можност на младите“ беше посочено дека во 2020 година вработеноста на младите во сите шест земји од Западен Балкан била под 27 отсто, при што постои и длабок родов јаз, бидејќи просечната вработеност на младите жени изнесува 14,5 отсто, а кај мажите 25,8 отсто.
Брегу препорачува да се применува механизмот на гаранција за младите на Западен Балкан, според примерот на ЕУ, кој им помогна на милион млади Европејци да добијат квалитетна понуда за вработување, продолжување на образованието, претприемаштвото или стажирање во периодот од четири месеци по губењето на работата или завршувањето на образованието, пренесува весникот „Данас“.
Директорот на Главната управа на Европската комисија за вработување, социјални прашања и вклученост, Џорџ Карел, изјави дека ЕУ е подготвена преку инструментите од претпристапната помош ИПА на Балканот да се поддржат развојни програми за активирање на младите преку шемата на Гаранција за млади, по моделот на програмите спроведени во Унијата.