Преговорите меѓу победниците на последните парламентарни избори во Косово, околу конституирањето на парламентарната и извршна власт, влегуваат во завршна фаза. Разликите меѓу Самоопределување и Демократскиот сојуз на Косово околу тоа кој ќе ја преземе функцијата претседател на Косово, не беа надминати по последниот час од почетокот на конститутивната седница на новиот косовски парламент, која беше најавена за вчера во 15 часот.

Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово, Иса Мустафа, прексиноќа соопшти дека за него и за неговата партија преговорите со Самоопределување не се пропаднати, како што наведе Албин Курти. Мустафа во објава на Фејсбук наведе дека преговорите со Самоопределување не биле лесни и дека партнерот на масата, во некои случаи, ги игнорирал правилата што биле договорени.
– Стратегијата на Самоопределување во јавноста да обезбеди епитет за страната што во преговорите е принципиелна и великодушна не успеаја – наведе Мустафа и додаде дека пропаднале и нивните обиди вината да ја префрлат врз ДСК.
Двете досега опозициски партии од порано објавија дека се договориле за програмата на идната заедничка влада, која ќе ја води Курти, меѓутоа до застој во преговорите дојде откако ДСК истапи со барање да ја преземе функцијата претседател на државата, откако во април 2021 година ќе му заврши мандатот на актуелниот претседател Хашим Тачи.

Во пресрет на обновувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, Центарот за евроатлантски студии објави извештај за односите меѓу Србија и Косово, во кој се нагласува дека на косовските политичари им недостигаат политичка храброст и лидерство. Од ЦЕАС укажуваат на неопходноста од постигнување компромисно решение и тоа е „итно прашање за двете страни“.
– Нерешениот статус црпи огромна енергија од српското општество, а некои други прашања, кои се од пресудно значење за демократијата во Србија и за пристапување во ЕУ, не добиваат доволно внимание. Истото тоа се однесува и на Косово, без договор со Белград новата косовска влада нема да може да се посвети на решавањето на проблемот како што се борбата против корупцијата и развојот на економијата – се наведува во извештајот на ЦЕАС.

Директорката Јелена Милиќ вели дека изјавите на косовските лидери дека Србија недоволно се ангажира за казнување на воените злосторства се неточни. Почнувајќи од времето на Зоран Ѓинѓиќ, Србија во Хаг испорача шест активни генерали на војската и полицијата и двајца претседатели, а таква обврска треба да преземе и идниот премиер на Косово (Албин Курти).
– Следуваат обвинувања и испорачувања. Наскоро ќе се види што значи да се испорачуваат осомничените лица кога ќе се наиде на отпор за извршување на обврските и со заветот на молчење, а општеството не дава поддршка – се наведува во извештајот на ЦЕАС.
Од високи политички функционери и аналитичари, деновиве, можеше да се слушнат и изјави дека на Косово се можни нови предвремени избори, доколку во април следната година не се исполни барањето на ДСК.