По „националистичкиот“ бран во балканската музика, во воениот период од распадот на Југославија, во последните години се забележува поголема размена на спотови и песни од музички групи од другите држави во регионот

Музиката од овие простори што учествуваше во политичките пресврти и конфликтите на Балканот во 90-тите години на минатиот век, денес ги преминува националните граници и нуди нова надеж за иднината на прекуграничната култура во регион. Босанска рап-музика може да се слушне на српско радио, српски турбофолк во хрватско кафуле, хипхоп од целиот балкански регион се пушта во радиопрограмите во сите балкански држави. Јазикот, кој некогаш беше пречка за размената на музичката култура, сега не е проблем за новите генерации на Балканот. Цензурата и национализмот беа дел музичката реалност на периодот на војните по распадот на Југославија во 90-тите години на минатиот век. Во музичката културна размена сега има огромно подобрување, но остатоците од војната сè уште траат, пишува во текстот „Балканската музика се помирува со тешкото минато“, објавен на БИРН.
Историски гледано, музиката од регионот, која беше добро прифатена и од критичарите на Запад, ги поврзуваше луѓето од земјите во поранешна Југославија. Но како што национализмот доминираше во политиката и општеството, така и тој ја „ограничуваше“ размената на музиката и уметноста меѓу југословенските народи. Во текстот на БИРН се дава поширока слика за „музичкиот пазар“ во воениот период. Во Србија, на уличните штандови, со разните дреболии се продаваа и песните со кои се величаа јунаци од темното минато и во кои се славеа историски битки.

– Пред распадот на Југославија, на новоотворените телевизиски станици се емитуваше т.н. турбофолк, кој на луѓето им нудеше социјална стабилност наспроти суровата реалност. Но со приближувањето на војната, оваа музика доби друга тежина – изјави Драган Амброзиќ, кој како новинар ја покриваше југословенската музичка сцена низ 1980-тите и 1990-тите години, во своите претходни разговори за странски медиуми.
Во меѓувреме, музиката стана учесник во самите војни. Судењата за воени злосторства на Трибуналот на Обединетите нации во Хаг покажаа како српските борци ги принудувале несрпските затвореници да пеат четнички песни.
– Тие песни беа дизајнирани да внесат страв кај населението – изјави сведокот Емил Чакалиќ, кој пред судот зборуваше за песната испеана од српските војници при влегувањето во хрватскиот град Вуковар во 1991 година.
Србија не беше единствена во искористувањето на моќта на музиката да влијае на расположението во земјата и на фронтот. Слична културна војна беснееше и во Хрватска, се посочува во текстот на „Балканинсајт“.
Во 1991 година, „Кроација рекордс“, заедно со новосоздадената Хрватска радио-телевизија (ХРТ), започна селективно да објавува песни и компилации за да изработи сопствен наратив за хрватската војна од 1991 до 1995 година.
– По почетокот на војната, ХРТ започна специјално да нарачува и да промовира националистичка музика, напиша Кетрин Бејкер во својата книга „Звуците на границата“ од 2010 година.

Сепак, политичките притисоци во креирањето на музичките програми сѐ уште траат. Во една статија објавена во септември 2020 година, неколку српски уметници тврдеа дека им е забрането да настапуваат во Хрватска поради политички причини. Во 2011 година, Лепа Брена, која беше посочена како „просрпска“ пејачка за време на распадот на Југославија, откажа хуманитарен концерт во хрватски град Осиек, велејќи дека настанот не добил доволна поддршка од граѓаните. Во 2018 година, хрватските воени ветерани повикаа на откажување на фестивалот на традиционално полифонско народно пеење во Хрватска, откако организаторите поканија изведувачи од Србија. Во Србија, некои културни настани беа пречекани со протести.
Во извештајот на една организација што се залага за слобода на уметничкото изразување, Србија е наведена како една од земјите со највисоки регистрирани случаи на цензура, конкретно наведувајќи ја зачестеноста со која националистичките агитатори ги нарушуваат културните настани. Иако се чини дека ситуацијата е помалку сериозна во Хрватска, културното наследство од воениот период живее и понатаму.

Во 2016 година, тогашната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, рече дека „обожава“ да го слуша Томпсон. Во 2015 година, нејзиниот главен предизвикувач за претседателската функција Зоран Милановиќ го окарактеризира турбофолкот како „недобредојден“ за нивните политички настани. Хрватските воени ветерани, во меѓувреме, честопати ја преземаа улогата на цензор.
Музиката од времето на војната сега се споделува и се тргува преку сајтовите на десничарските организации и таа ги надминува границите на Балканот. Сепак, денес, доволно е да се погледне плеј-листата на типични српски или хрватски дваесет најслушани песни и тоа е нешто што поттикнува надеж. Изборот на песните на некои од белградските продуцентски куќи и интернет-платформи што обединуваат хипхоп-уметници од цела поранешна Југославија привлече милиони прегледи на Јутјуб. Како што интернет ги поминува границите на музиката, за некои желбата за културна размена во иднина сега е многу појасна, за разлика од претходно, дури и по цена тоа да значи помирување со сложеното минато, се заклучува на крајот на текстот од авторот Брејден Бјела, како дел од програмата на БИРН.