Ќе се поздрават ли Александар Вучиќ и Албин Курти на мостот на Ибар?

Политичките околности во Србија и во Косово не оставаат простор за брзо изнаоѓање на компромисно решение, кое на крајот би значело и признавање на независноста од Белград

Мостот на Ибар, што го поврзува албанскиот и српскиот дел на Митровица, ќе биде пуштен годинава. Оваа позитивна вест беше дадена на првиот работен ден од новата година, а како што изјави градоначалникот на поделениот косовски град, Агим Бахтири, нема причина зошто тоа да не се случи.
– Состојбата се нормализира, мостот е ревитализиран. Граѓаните сфатија дека мостот нема да биде линија на раздвојување, туку мост на поврзување. Граѓаните можат слободно да се движат, можат заедно да излезат и да се напијат кафе – рече Бактири за весникот „Газета експрес“.

Како повторното отворање на мостот ќе се одрази на поврзувањето на луѓето од двата дела на Митровица и дали тоа ќе биде нов импулс за релаксирање и на односите меѓу Албанците и Србите и во подобрување на комуникацијата на највисоко политичко ниво меѓу Белград и Приштина? За годинава од меѓународната заедница се поставени високи очекувања во поглед на продолжувањето на дијалогот меѓу двете земји.

Меѓутоа, почетните сигнали кои се испраќаат од двете страни не оставаат простор за конечно решавање на косовското прашање, кое подразбира преземање крупни отстапки од Србија и од Косово. Од изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ и идниот косовски премиер Албин Курти се гледа нагласениот анимозитет, што секако ќе влијае и на текот на преговорите кои се во прекин од средината на минатата година.

Политичките околности во Србија и во Косово не оставаат простор за брзо изнаоѓање на компромисно решение, кое на крајот би значело и признавање на најмладата држава во Европа од страна на Белград. Победникот на предвремените избори на Косово, Самоопределување и нивниот лидер Албин Курти, постојано ќе бидат изложени на неизвесноста од опстојувањето на владината коалиција на партијата на Иса Мустафа, која инсистира на добивање на местото претседател на Косово. Од друга страна, Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија ќе треба да се соочат со српската опозиција на вонредните парламентарни избори. Најверојатно темата за зачувување на српските национални интереси на Косово ќе биде главното прашање на која ќе се стекнува довербата на гласачите.

Радио Слободна Европа, во анализата за новогодишните празници, исто така посочува на главните предизвици со кои ќе се соочи Србија, како што се парламентарните избори, нормализацијата на односите, преговорите со Европската Унија и ветувањето за повисок економски раст.
– Парламентарните избори напролет за нас ќе бидат тешки. Нашата задача е победа. Сите други листи на партиите ќе бидат против нашата листа на кандидати – изјави Вучиќ за ТВ Прва.

Српскиот претседател е изложен на постојаните притисоци од опозицијата која најавува бојкот на изборите доколку не се исполнат нивните услови за спроведување фер и демократски избори. Речиси е извесно дека Вучиќ нема да се одлучи да влезе во посериозни преговори со Приштина и со тоа да ризикува да изгуби дел од високата доверба која ја поседува во овој момент. Затоа, тој ќе продолжи со неговата тактика на конструктивен преговарач во дијалогот со Приштина. Со постојаното повторување на ставот дека „Србија е подготвена за компромис, но никогаш не е подготвена за понижување на државата и на својот народ“.

И Албин Курти најавува поцврст став во евентуалното продолжување на дијалогот со Белград и се залага за воведување на целосен реципроцитет во договорите, кои досега се постигнале со Србија во делот на економските односи.