Руската амбасадорка во Софија ги отфрли сите наводи дека бугарски граѓани шпионирале во корист на Москва и целата акција на апсењето на шест лица и на протерувањето на двајца руски дипломати ја нарече „шоу“. Во интервју за весникот „24 часа“, амбасадорката Елеонора Митрофанова вели дека ова заострување на односите на Софија кон Москва доаѓа од октомври 2019 година, иако претходните неколку години „двостраните контакти беа на највисоко ниво“.
Таа ги отфрла наводите на обвинителството дека една од уапсените влегува во амбасадата, туку, според видеозаписите, се гледало оти таа дошла во конзуларното одделение да поднесе документи за регулирање на пензијата, а потоа во истото одделение отишла да си го земе решението.
– Предизборните страсти минуваат, политичката конјунктура се менува, трендовите стареат, на нивно место доаѓаат нови. Убедена сум дека вековното позитивно наследство во односите меѓу двете држави ќе го надмине и овој мачен период. Во срцата на Бугарите, Русија зазема посебно место – вели амбасадорката Елеонора Митрофанова.