Лидерите на земјите членки на ЕУ, на самитот во Софија, разговарале за можноста за отворање мигрантски кампови во државите од балканскиот регион, со што би се спречиле бегалците и мигрантите да влегуваат на територијата на Унијата, објави денеска францускиот весник „Монд“.

Идејата, според весникот, потекнува од Данска и Австрија, две земји кои имаат евроскептични и антимигрантски влади. На 5 јуни, данскиот премиер Ларс Локе Расмусен најави дека е во разговори со австрискиот колега Себастијан Курц, чија земја на 1 јули го презема претседавањато со Унијата, за создавање нов систем за азил во ЕУ, чија централна точка би било „отворање заеднички центри за прием и протерување“.

Со други зборови, објаснува „Монд“, тоа би биле еден вид кампови каде ќе се задржуваат мигрантите кои немаат право на азил, а не можат брзо да бидат вратени назад.

Иако Расмусен не кажа јавно каде би се отвориле тие кампови, францускиот весник „од сигурни извори“ дознава дека станува збор за Албанија или Косово.
Данскиот премиер изјавил дека е „во контакт и со други европски лидери“ и дека е „оптимист“ за проектот.

– Разговорите всушност се воделе на Самитот во Софија на 17 мај помеѓу 28-те земји членки и пет држави од Западниот Балкан – тврди „Монд“, додавајќи дека плановите на Виена и Копенхаген им се презентираат и на другите земји членки на ЕУ.

Белгија тврди дека не била консултирана, додека Холандија сė уште не се произнела по предлогот.

Данците, според „Монд“ се обиделе да ја придобијат Германија, која била „скептична“, додека Франција била „вчудоневидена“ и се спротивставила на идејата.

– Незамисливо е балканските земји да прифатат такво нешто дури и со финансиска помош за возврат или со забрзување на нивната европска интеграција – изјавил француски дипломатски извор.

Ова не е првпат да се турка идеја за мигрантски кампови надвор од ЕУ, при што како локација се посочуваше Либија, но планот пропадна.