Плач и молитви се слушаат во селото Тумане во Албанија, кое се наоѓа во близина на епицентарот и е најпогодено од земјотресот, додека спасувачките екипи од државата и од соседните земји ги пребаруваат урнатините во потрага по преживеани, пренесува „Дојче веле“.

Преживеаните вчерашниот ден го поминаа во жалост, престојувајќи во импровизирани шатори додека чекаат да дознаат дали оние кои се наоѓаат во урнатините ќе бидат додадени на листата на починати.

Додека спасувачките екипи расчистуваат по урнатините, жителите на Тумане не престануваат со своите молитви. Кога некој преживеан е извлечен од урнатините, селаните аплаудираат со благодарност. Но, кога спасувачите ќе извлечат мртво тело, селаните го оплакуваат и се слуша плачење.

– Спасувањето животи е приоритет број еден. Откако се случи првиот земјотрес, веднаш добивме помош од Тирана, но исто и од соседните земји. Тие покажаа голема солидарност – изјави Артур Буши, градоначалникот на општината Круја која е најпогодена од земјотресите.

За голем дел од преживеаните, земјотресот беше катастрофален бидејќи тие изгубија сѐ што поседуваат.

– Станот и покуќнината се уништени од земјотресот. Сѐ што имавме е уништено, веќе не можеме да живееме таму – изјави за „Асошиејтед прес“ преживеан од селото Туман.

Човек во очај и со солзи во очите стои во селото и чека во близина на урната градба откако ноќта кога се случи земјотресот, тој и неговото семејство се обиделе да се спасат додека повеќекатната градба почнала да се руши. Но, додека излегувале, таванот попуштил и тие завршиле во урнатините.

– Сите сме во шок, нашите деца постојано се тресат од страв. Ги зедовме децата и потрчавме кон вратата. Но таа беше блокирана. Слушнавме гласен шум и видовме како резервоар за вода се распаѓа преку таванот во нашата дневна соба. Неколку минути подоцна излеговме надвор и зградата се урна – вели семејството Торочини, кое е благодарно што имале среќа и се спасиле навреме.

И семејството Точи успеало да се спаси.

– Беше ужасно, сѐ се тресеше. Успеавме да излезе надвор додека земјотресот траеше и целата зграда сѐ уште се тресеше – изјави Клевис Точи од селото Тумане.

Тој вели дека многумина од неговите соседи сѐ уште се во урнатините и се моли дека тие се живи.

Според досегашните податоци на Црвен крст, во земјотресот загина 31 лице, а стотици се повредени. Ова е најсилниот земјотрес по потресот од 1979 година, во кој животот го загубија 120 лица. Околу 2.500 луѓе се сместени во импровизирани кампови, додека други најдоа привремено прибежиште на фудбалскиот стадион во Драч. Тие добиле храна и вода, но проблем им е студеното време. За земја која има најнизок бруто-домашен производ по жител во Европа, оваа ситуација се заканува да ги остави погодените од земјотресот во тешка ситуација. В.Т.