Димитрис Куфодинас еден од основачите на терористичката организација „17 Ноември“, која над 25 години сееше страв во Грција, и е осуден 11 пати на доживотен затвор за 11 убиства, денеска доби нова, трета по ред 48-часовна дозвола за излез од затвор.

Куфодинас откако доби првичен негативен одговор на неговото барање за дозвола за излез, на 30 мај почна штрајк со глад во атинскиот затвор, а откако здравствената состојба му се влоши, беше пренесен во болница. Штрајкот го прекина на 14 јуни по одобрената дозвола, а вчера беше пуштен од болница.

Во 9 часот и 20 минути Куфодинас во придружба на синот и сопругата излезе од затворот „Коридалос“, а според грчките медиуми го пречекаа членови на анархистичката група „Рубикон“.

„Мозокот“ на „17 Ноември“, во рамките на дводневната дозвола, ќе треба еднаш дневно да се пријавува во полициска станица.

Димитрис Куфодинас и „17 Ноември“ стојат зад над 25 напади и убиства на бизнисмени, воени аташеа, дипломати, гувернер на грчката банка, но и зад убиството на сопругот на Бакојани и пратеник од Нова демократија, Павлос Бакојанис и американски државјани.

За третата дозвола на терористот, повторно реагираа од Амбасадата на САД во Атина.

– Целосно го осудуваме ова трето доделено отсуство за осудениот терорист и убиец. Тоа е срамна неправда за семејствата на многуте негови жртви и дополнителен поттик за неговите следбеници анархисти да извршат насилни и деструктивни дела во негово име – пишуваат од Американската амбасада во Атина на официјалниот Твитер профил.

Куфодинас, првата дозвола по 15 години во затвор, ја доби во ноември минатата година, а втората во февруари годинава.