Ако се постигне договор до април 2019 година, веќе во јули би почнало намалувањето на цените на роамингот меѓу земјите од Западен Балкан, а воопшто не би се плаќал од 2021 година, порача денеска во Брисел генералната секретарка на Регионалниот совет за соработка (РСС) Мајлинда Брегу, обраќајќи им се на учесниците на втората рунда преговори за нов регионален договор за роамингот, а пренесе МИА.

– Ако сакаме луѓето да го препознаат вистинското влијание на нашите напори за промоција на регионалната соработка, тогаш овој договор треба да го потпишеме во април – изјави Брегу.

Тој додаде дека на ЕУ и требаа десет години да го воведе концептот „роаминг како по дома“, додека земјите од Западен Балкан имаат амбиции и храброст ова да го завршат за две и пол години.

– Вредноста на новиот регионален договор лежи во фактот дека ќе има директно и моментално влијание и ќе донесе заштеда за сите граѓани на Западен Балкан – рече Брегу.

Македонија активно учествува во овие преговори кои започнаа уште пред две години во организација на РСС, оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.