Литванија ќе ја блокира Србија за отворањето на поглавјето 31 во преговорите со ЕУ поради одбивањето да воведе санкции против Русија, во согласност со одлуката на ЕУ по анкесијата на Крим и војната во Украина, изјави српската министерка за европска интеграција Јадранка Јоксимовиќ во интервју за „Вечерње новости“. Министерката не посочи дали други земји ја поддржуваат одлуката на Литванија.

Инаку, станува збор за поглавје што се однесува на надворешната политика и кое, според Јоксимовиќ, вообичаено не е тешко поглавје, но меѓународните односи, како што рече, стануваат сѐ покомплексни, а од земјите-кандидатки се очекува да ја усогласат својата надворешна политика со таа на ЕУ, не само кон Русија, туку и кон сите други земји.

Од Европската комисија не ја потврдиле оваа информација објаснувајќи дека скрининг-извештајот за поглавјето 31 му е презентиран на Советот, како што е ред пред отворањето на секое поглавје за преговори.
– Советот сѐ уште не ги завршил дискусиите за скрининг-извештајот и поради тоа исходот од скринингот сѐ уште не ѝ е соопштен на Србија – изјавиле во ЕК.