Фото: Игор Бансколиев

Покрај веќе искажаните разлики меѓу Германија и САД за исцртувањето на новите граници на Балканот, се отвора прашањето дали постои неусогласеност во ставовите на администрацијата во Вашингтон за планот за „размена на територии“ како начин на решавање на косовскиот јазол. Случајно или не, американскиот претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, го застапува ставот дека „двете страни треба да ги утврдат параметрите на дијалогот“, додека амбасадорот на САД во Германија, Ричард Гренел, говори за „лажна вест“ за тоа дека размената на територии сѐ уште е на преговарачката маса

Една „лажна вест“ или погрешно протолкувана изјава на специјалниот претставник на американскиот државен секретар за Западен Балкан Метју Палмер, со која „не се исклучува можноста за размена на територии“, дава нов фокус за тоа во кој правец ќе се води обновениот дијалог меѓу Србија и Косово. Покрај веќе искажаните разлики меѓу Германија и САД за исцртувањето на новите граници на Балканот ја отвори дилемата дали постои неусогласеност во ставовите на администрацијата во Вашингтон. Ова произлегува од брзата реакција на американскиот амбасадор во Германија, Ричард Гренел, кој лично ја демантира изјавата на Палмер. Гренел преку социјалните мрежи порача: „Лажна вест се извештаите дека размената на територии е сѐ уште на маса“.
Како што објави порталот „ЕУ обзервер“, специјалниот американски претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, „не ја исклучува можноста за размена на територии меѓу Србија и Косово“.
– На страните е да ги одредат параметрите на дијалогот. Тоа што ние го поддржуваме е страните да најдат начин да се вратат на преговарачката маса и да ги стават сите важни прашања и на пронајдат пат за нормализација на односите – изјавил Палмер за „ЕУ обзервер“.
Тој не сакаше да го коментира ставот на Германија дека размената на територии би можела да го дестабилизира регионот.
– Идеално би било заемно признавање. Би сакале да го видиме заемното признавање на Србија и Косово, како исход од тој процес – додаде Палмер.

Вашингтон и Берлин имаат различни планови и брзини за решавање на косовското прашање

Во врска со продолжувањето на процесот на приближување на ставовите за косовското прашање, постојат многу непознаници за наредните потези за решавање на косовскиот јазол. Во емисијата на националната српска телевизија РТС се изнесоа повеќе прашања за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со која динамика ќе се одвива, за тоа кој ќе биде специјалниот посредник од Европската Унија, како и за тоа кој ќе го има клучниот збор во донесувањето на решението за статусот на Косово. Исто така, нејасно е како ќе се постават силите меѓу Германија и САД и сѐ поизразените амбиции на претседателот на Франција, Емануел Макрон, да се вклучи во финалната фаза од решавањето на косовскиот спор.

Бриселскиот дијалог е замрзнат повеќе од една година, а заслугите за негово заживување ѝ се припишуваат на сегашната американска администрација, која силно се залага за безусловно укинување на косовските царини за српските производи. Изминатиот месец имаше целосно поклопување на интересите на Белград и Вашингтон, за реализирање на т.н. визија на Доналд Трамп, за воспоставување авионски и железнички врски меѓу Србија и Косово. Наспроти ова, Германија покажува сѐ посилни сигнали дека останува на намерата да има пресудно влијание во решавање на косовскиот проблем.

– Германија води политика што е заснована на интересите, вклучувајќи го и нејзиниот став за признавање на Косово, како независна држава и сѐ што води кон тоа да се пронајде модус вивенди меѓу Белград и Приштина, со некој вид фактичко признавање – вели Иво Висковиќ, поранешен амбасадор во Берлин, во разговор за РТС.
Политичките аналитичари се согласни за тоа дека надворешнополитичкиот успех за прашањето за Косово ќе му одговара на американскиот претседател во трката за негов реизбор. Шансата за успех тој ја гледа во вакуумот на европското лидерство и слабоста на Меркел, додека не е избран нејзиниот наследник. Поради тоа, Трамп смета дека е време да „притисне“ повеќе со промовирање на булдожер-дипломатијата, преку назначувањето на Гренел за медијатор во обновениот политички дијалог.

– Кога Трамп некаде го испраќа Гренел, тоа не се прави за да не успее. Европа нема што да понуди, не е познато како тие ќе се реорганизираат, додека кај Американците е поедноставно. Тие го користат приматот што го имаат во регионот – смета Љиљана Смајловиќ, колумнистка на неделникот „Неделник“.
Професорот на Универзитетот во Грац, Флоријан Бибер, вели дека за успехот на Гренел ќе треба да се почекаат резултатите од неговата мисија и како тие ќе бидат имплементирани.

– Се плашам дека Америка поради брзината и мотивацијата во внатрешната политика ќе ја игнорираат динамика што му е потребна на регионот – истакна Бибер.
Процените се дека периодот од девет месеци е недоволен за надминување на повеќедеценискиот косовски проблем, дотолку повеќе што за Трамп тоа не е главниот приоритет во водењето на глобалните процеси, како што се случувањата на Блискиот Исток. По назначувањето на европскиот посредник, ќе биде појасен правецот во кој ќе се одвива дијалогот. Но познавачите на состојбите сметаат дека паралелното водење на преговорите од Вашингтон наспроти Берлин и Брисел ќе биде помалку ефикасно.