Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини денеска изјави дека очекува властите во Приштина да ги укинат воведените дополнителни царини од 10 отсто за увоз на стоки од Србија и Босна и Херцеговина.

На заедничката прес-конференција со албанскиот министер за надворешни работи Дитмир Бушати во Брисел, одржана по завршувањето на состанокот за спроведување на Договорот за стабилизација и асоцијација меѓу Албанија и ЕУ, Могерини нагласи и дека очекува и продолжување на дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Бушати на прес-конференцијата одби да одговори дали Албанија би поддржала евентуален договор меѓу Белград и Приштина за „разграничување“, односно промена на границите или размена на население, на што Могерини изјави дека „го цени мудриот став на Тирана“ да не се изјаснува по ова прашање.