Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија Федерика Могерини, одговорајќи на новинарско прашање за идејата да се отворат кампови за бегалци на Балканот, порача дека ЕУ треба да работи со постојниот модел.

– Имаме систем со Либија и мислам дека може да биде корисен модел, да се поддржи и консолидира. Базиран е на соработка со властите на самото место, агенцијата на ОН и земјата на потекло. Моделот дава резултати и не мислам дека ни е потребен нов инструмент. Треба да инвестираме повеќе ресурси да го консолдиираме овој механизам, кој дава резултати веќе шест месеци, изјави Могерини.

Данскиот премиер неодамна предложи да се отворат бегалски кампови „во Европа, но надвор од ЕУ“ алудирајќи, според дипломатски извори, на Западниот Балкан. Австрија изрази поддршка за данската идеја, но таа не е формализирана.

Управувањето со миграцијата и изнаоѓаљето решение за овој посебно сензитивно политичко прашање во ЕУ ќе биде една од главните теми на следното австриско претседателство од 1 јули.