Добиената препорака од Европска комисија(ЕК) е победа за сите, но има уште да се работи, бидејќи почетокот на преговорите бара дополнителни ангажирања, порача денеска Висока претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини, која престојува во Тирана.

Таа на заедничката прес конференција со албанскиот премер Еди Рама високо ја оцени улогата на Албанија во регионот и додаде дека препораката за отпочнување на преговорите е добиена врз основа на постигнувањата, а не е подарок.

– Честитки! Посебно сум горда што денеска сум тука да ги предадат позитивните препораки првпат во исторјата на Албанија. Ова е резултат на една колективна работа, колективно признание за претседателот, Владата, општините и за сите албански граѓани. Ова е одговорност за да се оди напред – истакна Могерини.

Таа додаде дека Владата треба да соработува со опозицијата.

Премиерот Рама оцени дека добиените препораки за отпочнување преговори е исторски успех и резултат на напорна работа и ја повика опозицијата на соработка.

– Албанија го доби тоа што го заслужува, ниту помалку, ниту повеќе – посочи Рама.

Високата гостинка имаше средба и со претседателот Илир Мета, а ќе се сретне и со лидерот на опозицијата Љуљзим Баша.

На патот од претседателската резиденција до Владата, што го мина пеш, Могерина беше пречекана од млади од Кукс, кои побараа да изврши притисок врз Рама да бидат ослободени притворените нивни сограѓани поради насилните протести кај тунелот Калимаш, во знак на незадоволство од воведувањето патарина на автопатот Тирана-Кукс-Морина.