Водечките луѓе на бугарското обвинителство и на полицијата ги испитуваат сите траги во врска со убиството на новинарката Викторија Маринова (30) во Русе, но и покрај мноштвото докази и информации, истрагата уште не открила осомничен, ниту пак мотивот на злосторството кое ја шокираше државата.

– Најдобрите криминолози се испратени во Русе. Да не ги притискаме. Пронајдено е големо количество на ДНК – кажа бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Телото на Маринова беше пронајдено вчера во парк во Русе, во близина на реката Дунав, каде што таа џогирала. Истражителите откриле повеќе докази на местото на злосторството (траги на крв, слушалки, црн стегач за коса и една патика), а имаат и опис на активностите на жртвата, дента на убиството.

– Смртта е предизвикана од удари во главата и од гушење. Нејзиниот мобилен телефон, клучеви за кола, очила и дел од облеката недостасуваат – истакна локалниот обвинител Георги Георгиев, со што се очекува уште откритија да бидат објавени денеска.

Жртвата беше уредничка на бугарската телевизија ТВН и известуваше за наводната корупција поврзана со фондовите на Европската унија. Таа ја водеше и емисијата „Детектор“ за актуелните случувања во Бугарија. Во рамките на емисијата емитувана на 30 септември, Маринова разговарала со нејзините колеги, Бугаринот Димитар Стојанов и Романецот Атила Биро, во врска со поврзаноста на политичарите и бизнисмените со злоупотребата на ЕУ-фондовите. Стојанов и Биро потоа накратко биле задржани од страна на полицијата.

– Ние сме во шок. Не примивме закани во никаков облик, насочени кон неа, ниту кон телевизијата – кажа еден од вработените во телевизијата ТВН, опишувајќи ја Маринова како „неверојатно дисциплинирана и амбициозна“.

Многумина сметаат дека убиството на Маринова е предупредување.

– Смртта на Викторија, бруталниот начин на кој е извршено убиството, претставува егзекуција. Тоа треба да служи како пример, како предупредување – смета Асен Јорданов, сопственикот на интернет-порталот „Бивол“.

Други, пак, се сомневаат дека убиецот бил лично поврзан со жртвата.

– Не се согласувам со мислењата дека убиството е поврзано со нејзината работа. Убиството е изведено со многу гнев и постои лична поврзаност – вели новинарот Стефан Ташев.

Смртта на Маринова е трет случај на убиство на новинар во ЕУ годинава, по убиствата на Швеѓанката Ким Вал, Малтежанката Дафне Каруана и Словакот Јан Куцијак, кој беше убиен заедно со неговата вереница.