Учениците во Република Српска во учебниците по историја наскоро би можеле да изучуваат и одредени податоци за последните воени случувања и за непосредните учесници во нив. Медиумите во овој ентитет објавија дека во учебниците опширно ќе бидат прикажани настаните за создавање на Република Српска, за тоа кои се Ратко Младиќ и Радован Караџиќ и за другите личности во воено-политичкото раководство во 90-тите години од минатиот век. Од Министерството за образование и култура на РС за агенцијата „Фена“ тврдат дека во историските учебници нема да има навредливи текстови за другите два конститутивни народа или национални малцинства во Босна и Херцеговина.

Министерот за образование и култура на РС, Дане Малешевиќ, ги одобрил новите наставни програми по историја за деветто одделение во основните училишта и за трета и четврта година од гимназиското образование.
– Во учебниците по историја ќе се прикажуваат одредени факти за настаните на просторот на БиХ за периодот од 1990 до 1995 година. Авторите на учебниците ќе ги почитуваат препораките на Советот на Европа од 2005 година, во кои е предвидено настаните од последната војна да не им се интерпретираат на децата на начин со кој се шири омраза и се создава непријателство – велат од Владата на РС.
Ентитетот Република Српска се придржува на спогодбата што е потпишана според упатството на ОБСЕ од страна на министрите за образование на ентитетите и кантоните во 2005 година, во која е прецизирано во историјата да не се изучуваат содржините од граѓанската војна во БиХ што би имале навредливи содржини за другите народи.

– Од анализата во преостанатите делови на Федерацијата на БиХ, утврдивме дека, без разлика на постојната спогодба, овој период се изучува на погрден и навредлив начин кон РС. Ние сакаме во нашите учебници да се добие објективна слика за настаните што се случиле во овој временски период – наведуваат од Министерството за образование и култура на РС.
Претставникот на ОБСЕ во БиХ, Брус Бертон, негативно се изјаснил во врска со воведувањето одредени содржини во наставните програми во Тузланскиот и Сараевскиот кантон. Властите во овие кантони одлучиле учениците во основните училишта да учат за тоа дека Србите се агресори и дека сториле геноцид и етничко чистење над Бошњаците во Сребреница.