Фото: Маја Јаневска-Илиева

Политичката апатија кај младите лица во Западен Балкан произлегува од општото чувство дека не можат да влијаат на општите процеси во државите, за кои се одлучува во тесните кругови во партиите или со договарања меѓу лидерите на етничките заедници, а членувањето во политички партии за нив значи само можност за побрзо вработување

Младите од Западен Балкан се незаинтересирани за политичкиот живот во нивните земји, а ангажирањето во политичките партии го гледаат како начин на побрзо вработување во државните институции. Политичката апатија кај младите лица произлегува од општото чувство дека не можат да влијаат на општите процеси во државите, за кои се одлучува во тесните кругови во партиите или со договарања меѓу лидерите на етничките заедници. Сето ова влијае и на големата незаинтересираност на младите за гласање на изборите, особено за избор на претставници на локалната власт. Неодамнешната заедничка студија на Програмата на ОН за развој и Регионалната канцеларија за соработка на младите покажа дека повеќе од половината млади испитаници во земјите од Западен Балкан имаат помала доверба во работата на државните институции и својата иднина ја гледаат во странство.

Политичката пасивност на младите е изразена кај сите земји од Западен Балкан. За илустрација, во Босна и Херцеговина, според податоците на Министерството за цивилни работи за 2018 година, само пет отсто од младите се членови на организацијата на младите, а шест отсто се партиски активни. Во БиХ живеат половина милион лица на возраст од 15 до 30 години и дејствуваат околу 150 политички партии, но аналитичарите сметаат дека младите во политиката главно влегуваат поради личните интереси. Загриженост за малата заинтересираност за политика изрази и српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се залага за „отворање на вратата за младите, за да можат да ги менуваат работите во земјата“.
Младите во Србија ја следат политиката толку колку да бидат информирани за состојбата во општеството и тие не веруваат дека со политичкиот ангажман можат нешто да променат во државата.

– Во Србија занимавањето со политика е, за жал, само полесен начин да се најде работа. Не сум сигурна дека има многумина што јавно би истапиле и да кажат дека нешто не чини во општеството. За политиката се заинтересирав кога се обидував да најдам работа. На многу тежок начин дојдов до работа, бидејќи не сум во политичка партија и не сакав да бидам поврзана со политиката – изјави Љиљана Велимиров од Панчево за Радио Слободна Европа, која работи како балерина во Народниот театар,
На најновите анкети околу 48 отсто од младите се изјасниле дека нема да излезат на изборите во Србија, а секој четврти испитаник се изјаснил дека нема да излезе на гласање затоа што „нема за кого да гласа или не верува во фер избори“. Загрижувачки податок е што 86 отсто од младите испитаници не сакаат да бидат политички активни, пренесува РСЕ.
– Во нашата држава е тешко да се смени нешто. Се обидувам да не размислувам за политика, затоа што ме оптоварува. Мислам дека младите немаат никакво влијание – вели Андреа Илиќ, студентка по безбедност од Белград.
Во последниот извештај за положбата на младите во шесте земји од Западен Балкан што го објави германската фондација „Фридрих Еберт“ се забележува зголемување на разочараноста од политиката кај младите. Големо мнозинство, или 81 отсто, од младите во БиХ велат дека не се компетентни да зборуваат за политика. Меѓутоа, подготвеноста на младите да се ангажираат во цивилниот сектор е помала одошто се очекува, но е сепак на значајно ниво.

Младите во Југоисточна Европа, вклучувајќи и во Македонија, имаат недоволно познавање за политиката, слаб интерес за следење на политичките настани и низок степен на доверба во националните институции. Поголем дел млади, сметаат дека се исклучени од процесот на носење одлуки и имаат перцепција дека нивните интереси не се доволно застапени од страна на политичарите, гласи општата оцена што е содржана во публикацијата „Младите и политиката: Која е перцепцијата за работата на Собранието“, во чија изработка учествуваше и институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС)
Ставовите и перцепциите за работата на политичките институции, вклучувајќи ги и националните собранија, на младите во Македонија суштински не се разликуваат од перцепциите на нивните врсници од Југоисточна Европа. Мнозинството млади од ЈИЕ го делат мислењето дека се политички исклучени во носењето одлуки и имаат перцепција дека нивните интереси не се доволно застапени од страна на политичарите. Интересот за националната политика варира меѓу младите, но генерално е со слаб интензитет.

Мнозинството млади од сите земји во ЈИЕ не гледаат сојузник во носителите на политички функции во нивните земји. Оваа негативна перцепција кон политичарите е најмногу изразена меѓу младите во Босна и Херцеговина, каде што дури 86 отсто од младите сметаат дека политичарите не се грижат за нивното мислење. Во Македонија, 61 отсто од младите сметаат дека политичарите не се грижат за нивните мислења и ставови. И покрај тоа што овој процент е понизок во однос на речиси сите други држави во Југоисточна Европа (освен Словенија – 54 отсто), сепак покажува дека најголем број млади од државата не веруваат дека нивните гледишта и ставови се доволно застапени од страна на политичарите, се посочува во извештајот на ИДСЦС.