ГРЦИЈА

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ја реконструира Владата по две години на власт. Тој отвори ново министерство за цивилна заштита и ги промени министрите за здравство и за заштита на граѓаните, како и државниот секретар за одбрана. Многубројните пожари ова лето предизвикаа проблеми во координацијата, а поради тоа Мицотакис потоа се извини во парламентот.

– Министерството за цивилна заштита треба да ги собере под еден покрив многубројните служби и институции одговорни за гаснење пожари, земјотреси, поплави и други катастрофи во Грција.
Евангелос Апостолакис ќе го преземе новото министерство за цивилна заштита – изјави портпаролот на Владата за медиумите.

На местото на досегашниот министер за здравство, Василис Кикилиас, ќе дојде конзервативниот пратеник Атанасиос Плеврис, кој е човек од доверба на премиерот. Според медиумските извештаи, Мицотакис не бил задоволен од напредокот на кампањата за вакцинација против коронавирусот во земјата.
Панатјотис Теодорикакос ќе биде нов министер за заштита на граѓаните, нов државен секретар за одбрана е Никос Хадалијас, пренесе „Дојче веле“.