Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис се извини за пропустите на владата во борбата против катастрофалните пожари и одобри 500 милиони евра помош за луѓето.

Додека пожарите сѐ уште беснеат и владата ги проценува првите штети, Мицотакис излезе на телевизија јавно да се извини и да вети дека никој нема да биде поштеден од одговорноста, но во исто време повика на единство на нацијата.

– Степенот на штетата ни ги раскинува срцата. Се извинувам за загубите што ги претрпевте. Целосно ја разбирам болката на нашите сограѓани додека ги гледаа нивните запалени куќи и имот. Ќе ги откриеме сите пропусти и никој нема да избега од одговорност – рече Мицотакис.

Премиерот вети дека владата ќе стои покрај сите жртви и одобри 500 милиони евра за регионите во близина на Атина. Министрите утре ќе разговараат за други мерки за помош.

– Оние што ги загубија своите домови и имот ќе бидат обештетени. Опожарените области ќе бидат пошумени – рече Мицотакис, додавајќи дека климатската криза тропа на вратата на целата планета.