Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис изјави дека проблемите на Атина со Турција или која било друга земја автоматски стануваат проблем на Европската Унија и ја повика Европа да го „потсети“ турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека границите на Грција се непроменливи.

Во интервју за францускиот магазин „Меѓународна политика“, Мицотакис рече дека кога Турција ја прекројува картата на Средоземното Море, таа ја провоцира не само Грција туку и цела Европа. Затоа, вели тој, и Европа мора да одговори.

– Европа треба да го потсети турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека границите на Грција се непроменливи и за нив не може да се преговара – рече Мицотакис.

Турција и меѓународно признатата влада во Либија потпишаа договор за водните граници во Средоземното Море минатиот ноември, кој наиде на силно спротивставување од Атина, која смета дека договорот е закана за суверенитетот на Грција.

Медиумите наведуваат дека на овој начин Турците сакаат да ги заробат егејските острови источно од 25. меридијан во турскиот континентален појас.