Грчките пожарникари даваат се од себе за да го локализираат огромниот пожар во северните предградија на Атина, пред ветерот повторно да засили, пренесуваат агенциите.

– Владее кошмар во предградијата. Главниот приоритет е да се спасат животите на луѓето – рече премиерот Киријакос Мицотакис по обиколката на погодената област.

Хеликоптери и авиони се вклучени во гаснењето на пожарот од рана зора. Ветрот е ослабен и противпожарните бригади се обидуваат да го искористат тоа затишје.

– Се надеваме дека ќе го ставиме под контрола пожарот пред ветерот повторно да задува – изјави началникот на противпожарната бригада за државната телевизија.

Засега нема информации за жртви, а неколку населени места беа евакуирани претходниот ден.

Поради густиот чад, утрово во Атина била намалена видливоста, а воздухот мирисал на изгорено. Пепел паѓа врз куќите и од жителите се бара да не ги напуштаат домовите одосно да ги затворат прозорците.

Požar u Ateni

Во Атина повторно се очекуваат многу високи температури, околу 43 и 44 степени Целзиусови, а метеоролозите предупредуваат дека неподносливата топлина ќе продолжи до крајот на викендот.

Пожари избија и на островите Евбоја, Кос и Родос и на полуостровот Пелопонез.

До вторникот вечерта регистрирани биле 40 активни пожари во Грција.