Лидерот на најголемата опозициска партија во Грција, Нова демократија, Киријакос Мицотакис, планира „да го врати статусот” на правосудниот систем во земјата именувајќи врвни судии „со неспорна репутација“, ако неговата партија победи на предвремените парламентарни избори, објави атинскиот весник „Катимерини“.

Мицотакис во интервју за грчката телевизија „Скај“ рече дека Нова демократија има „многу амбициозен план” за долгорочно невработените граѓани, давајќи им упатства и обука, истакнувајќи дека „работа, а не субвенции се решение за сиромаштијата”.

Кога станува збор за државни субвенции, тој вети дека поддршката на домаќинства со ниски приходи, на големи семејства и на пензионери со ниски пензии нема да се намали.

Мицотакис, исто така, истакна дека неговата партија Нова демократија има планови за подобра употреба на структурните фондови на Европската Унија и дека во разговор со Европејците ќе се занимава со прашањата за границите и миграцијата.

Во Грција в недела, на 7 јули, ќе се одржат предвремени парламентарни избори, на барање на премиерот и лидер на владејачката партија Сириза, Алексис Ципрас, откако неговата партија освои речиси десет отсто помалку гласови во однос на опозициската Нова демократија на изборите за Европскиот парламент.