Приштинските медиуми јавуваат дека состојбата во северниот дел на земјата, по акцијата што утрово ја спроведоа специјалните полициски единици на Косово во северниот дел на Митровица, во која се уапсени четири лица, полека се смирува и веќе не се чувствува тензија како утрово.

Екипи на порталот „Газета Експрес“ и на телевизијата Т7 јавуваат дека во северна Митровица и во другите делови во северниот дел на Косово, населени со мнозинско српско население, животот се враќа во нормала.

Кај локалното население, според овие медиуми, веќе не се чувствува вознемиреноста која се создаде при акцијата која рано утрово ја спроведе косовската полиција, при што беа пуштени сирените, а имаше информации и за пукотници. По ова, голем број вознемирени граѓани утрово се собраа на плоштадот на градот, по што градоначалникот Милан Ракиќ ги повика на воздржаност.

Во акцијата на специјалните единици РОСУ беа уапсени четири лица во врска со убиството на лидерот на косовските Срби Оливер Ивановиќ, што се случи во јануари годинава. Освен тоа, запленето е и нелегално оружје и друг доказен материјал.