Претставниците на косовските власти првенствено се залагаат за признавање на независноста на Косово и не гледаат некоја голема корист од формирањето единствен пазар на трудот и од потпишувањето таков договор

Третиот состанок од иницијативата за создавање мини-шенген, во кој би влегле Албанија, Македонија, Србија и Црна Гора, што изминатиот викенд се одржа во Тирана, помина со многу протоколарни изјави за подобра иднина за земјите од Западен Балкан. Новата средба меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ, македонскиот премиер Зоран Заев и нивниот домаќин албанскиот премиер Еди Рама, на кои првпат им се придружи и претседателот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, наиде на остри реакции од косовските политичари. За разлика од нив, промоторот на оваа идеја, Вучиќ, со висок оптимизам гледа на ова регионално поврзување, за кое сѐ уште постои голем отпор кај Косово и Босна и Херцеговина, кои одбиваат да се вклучат во оваа иницијатива, зад која стои и меѓународната заедница.

Така, претставниците на косовските власти, првенствено се залагаат за признавање на независноста на Косово и не гледаат некоја голема корист од формирањето единствен пазар на трудот и од потпишувањето таков договор, со кој „работниците од земјите во регионот ќе можат побрзо да доаѓаат до слободните работни места, без какви било дозволи за работа или визи од одделни земји“. Засега, трилатералните средби на балканските лидери не се влезени во некоја посуштинска фаза на преговори за поголемо економско поврзување. И изјавите на самите учесници во иницијативата за мини-шенгенот се сведуваат на „добра волја за соработка“.

– Ќе го зголемиме бројот на лентите и вагите на нашите премини, за да можат камионите побрзо да ги поминуваат границите. Исто така, во иднина нашите единици за вонредни состојби побрзо ќе соработуваат. Тие ќе бидат на располагање едни на други кога ќе се соочат со земјотреси, пожари или други елементарни непогоди – изјави Вучиќ.

Со сосема поинаков поглед е Едита Тахири, поранешната шефица на преговарачкиот тим на Приштина во дијалогот со Белград, која изјави дека премиерот на Албанија Еди Рама не разбира дека со иницијативата за мини-шенген ја создава голема Србија.
– Задоволна сум од ефикасните и стратегиски потези на Албанците за заштита на своите национални интереси и спречување на српската хегемонија на Балканот – напиша Тахири на Фејсбук.

Потпретседателот на Двери Иван Костиќ тврди дека претседателот на Србија Александар Вучиќ со идејата за балканската економска зона им помага во создавањето „единствен големоалбански економски простор на Балканот“.
Професорот на Универзитетот во Приштина, Милјазим Красниќи, во изјава за весникот „Зери“, рече дека мини-шенгенот ја јакне позицијата Србија и ја ослабува позицијата на Косово.

– Постапките на албанскиот премиер се предавство на Косово, бидејќи е потребно сојузништво меѓу Косово и Албанија. Не може да има регионални иницијативи без решавање на проблемот на Косово со Србија – истакна Красниќи.

Тој смета дека ваквите иницијативи не успеваат затоа што нивната цел не е интегрирање на целиот Балкан, туку засилување на Србија.

– Тоа може да доведе до загрозување на рамнотежата на Балканот и може да предизвика тенденции што водат кон конфликт. Најдобро решение е целиот регион да се фокусира на процесот на европските интеграции и на постигнување сеопфатен договор меѓу Србија и Косово. Кога ќе се признае независноста, тогаш ќе имаат смисла и регионалните иницијативи – вели Красниќи.

Од приштинските власти јавно порачаа дека нема да бидат дел од мини-шенгенот, додека главен иницијатор и протагонист на овој сојуз е Србија, која со сите средства се противи на признавањето на Косово, пишува „Зери“. Весникот ја пренесе изјавата на албанскиот премиер Еди Рама, кој смета дека одлуката на Косово да не се приклучи на оваа иницијативата е штетна, а косовскиот премиер Рамуш Харадинај го нарече „лажливец“ и објасни дека самитот нема цел укинување на таксите за производите од Србија, пренесува „Косово онлајн“.

Косовскиот премиер во заминување, Рамуш Харадинај, го повтори ставот дека на Косово не му треба мини-шенген на чело со Србија и потсети дека Приштина потпишала Спогодба за стабилизација и придружување со Европската Унија.
– Албанскиот премиер Еди Рама ми е брат, но тој за разлика од мене не се бунеше против поделба на Косово. „Трепча“ сега е косовска, никој повеќе не спори околу тоа. Имаме енергетска независност. Можеме сами да потпишуваме договори за здружување на пазарот со Албанија – изјави Харадинај.

Политичкиот аналитичар Душан Јањиќ, во емисија на телевизијата Н1, рече дека јакнењето на балканската соработка е целосно нов проект за искористување на потенцијалите што ги имаат земјите од Западен Балкан, додека секоја од нив не ги исполни условите за влез во ЕУ.

– Тоа не може да се смета за некоја нова Југославија, но не може и да се споредува со Европската Унија. Оваа идеја треба да се реализира во наредните 10 до 20 години, а овој процес ќе им послужи на земјите добро да се подготват за ЕУ, која е подготвена тоа да го поддржи во рамките на политиката за регионално поврзување – изјави Јањиќ.