Дуа Липа (лево) и Рита Ора

Косово вообичаено го привлекува светското внимание кога станува збор за тензиите со Србија, но и кога го спомнуваат две од најпопуларните пејачки на денешницата Дуа Липа и Рита Ора, кои редовно го истакнуваат нивното потекло од Косово. И Турската радио телевизија (ТРТ) ги нарече пејачките „гласнички на независноста на Косово“. Но косовското прашање е горлива тема на Балканот, со што нивниот активизам предизвикува и дополнителни тензии во регионот.

Липа предизвика контроверзии кога минатата година бараше од компанијата „Епл“ на мапите на нивните уреди да бидат обележани границите на Косово и на Палестина, за потоа да објави фотографија со знамето на т.н. „голема Албанија“. На знамето беше прикажана територијата на т.н. Голема Албанија, со Косово, делови од Србија, Црна Гора, Грција и од Македонија. На Инстаграм тогаш се огласи и Ора, придружувајќи се на барањето на Липа упатено кон „Епл“.

Тоа поттикна жестока расправа на социјалните мрежи во која беа вклучени балканските народи, јавни личности, а беа покренати и петиции „за“ и „против“, како и апел за бојкотирање на музиката на популарната пејачка. Во дел од коментарите на социјалните мрежи потегот на пејачката беше опишана како „тероризам“, „нацистичка агенда“ и „пропаганда“.

На објавата на Дуа Липа реагираше и Обединета македонска дијаспора, наведувајќи дека „ширењето на ваквите националистички прикази не оди во полза на мирот на сите народи, туку предизвикува дополнителни поделби меѓу соседните држави“.

Липа набргу потоа се огласи на Инстаграм, порачувајќи дека сите заслужуваме да бидеме горди на своето потекло. Таа вели дека секогаш кога ќе објави нешто за Косово, настанува хаос во коментарите. Оние што ја поддржуваат Липа, пак, наведуваат оти таа немала намера да шири омраза, туку да ги оспори тврдењата кои го негираат потеклото на Албанците на Балканот.

Липа која е родена во Лондон, каде што нејзините родители се преселија во 1992 година бегајќи од војните на просторот на поранешна Југославија, на социјалните мрежи редовно објавува содржина со поддршка на независноста на Косово. Пејачката заедно со нејзиното семејство во 2006 година се врати во Приштина, каде што живееше одреден период. Ора, пак, чии родители се доселиле со неа во Велика Британија уште кога била бебе, настапуваше во Приштина во 2018 година по повод 10-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово. Таа е именувана и за почесна амбасадорка на Косово.

– Косово секогаш ќе биде нашата татковина и засекогаш ќе бидеме горди Косовци – кажа Рита Ора во интервју за „Вог“.

Ора и Липа годинава ѝ честитаа на Вјоса Османи на изборот за косовската претседателка, а Липа ги повика Косовците да гласаат на парламентарните избори одржани во јануари годинава.

Двете пејачки се сметаат за најзвучни и најистакнати промотори на Косово, но веројатно би требале да се држат до музиката, а да ја остават политиката настрана, со оглед на осетливоста на овие теми на Балканот.