фото: Фејсбук

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ ја откажа денешната посета на Босна и Херцеговина поради „безбедносни причини“, соопшти неговиот кабинет.
Одлуката за откажување на посетата се темели на безбедносната проценка на надлежните институции на Хрватска.

– Претседателот Милановиќ изразува жалење што нема да учествува на Лашванске долине, настан важен за Хрватите, а на организаторите им испраќа силна поддршка и благодарност што го чуваат – се наведува во соопштението.

Беше планирано Милановиќ да присуствува на одбележувањето на 28-годишнината на хуманитарниот конвој „Бел пат за Нова Била и Босна Сребрена“.

Милановиќ неодамна, зборувајќи за злосторствата во регионот, кажа дека во Сребреница се случил геноцид, но дека сега за потешките злосторства треба да се смисли нов назив.

– Јас велам дека е геноцид, но тогаш за некои потешки злосторства мораме да измислиме ново име. Ја почитувам туѓата жртва, но не е сè исто. Ако сè биде геноцид, тогаш мораме да смислиме друго име за она што нацистите им го направиле на Евреите во Втората светска војна. Не е секоја жртва, тоа е релативизирање – кажа тој и истакна дека за жртвите е важна правдата.

Само неколку дена претходно, Милановиќ го истакна тврдењето дека постојат „различни видови геноцид“.