Зоран Милановиќ (лево) и Андреј Пленковиќ

Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и премиерот Андреј Пленковиќ го продолжија вербалниот судир кој трае со месеци, овој пат поради критиката на Милановиќ кон бугарската политика кон Македонија, пренесува српски „Данас“.

Нивното најново несогласување е резултат на неодамнешната изјава на Милановиќ по состанокот во Словенија кога истакна дека Македонија се наоѓа во невозможна позиција бидејќи држава-членка на ЕУ навлегува во нејзиниот „интимен простор“ со барањето да ја дефинира „сопствената национална генеза во учебниците по историја онака како што тоа го бара соседнаата држава“.

Бугарија ја осуди таквата изјава, а хрватскиот премиер Пленковиќ вчера изјави дека се забележани два инциденти против бугарските државјани по изјавата на Милановиќ, без да изнесе дополнителни детали.

Милановиќ потоа кажа дека не знае за какви инциденти станува збор, дека за нив не знаат ниту новинарите, како и дека полицијата не објавила ништо за таквите случувања.

– Претседателот на Владата оди наоколу и тропа како баба на пазар за некакви напади врз Бугарите во Хрватска. Јас би чувствувал одговорност за да објаснам што сум мислел да кажам со таквата изјава – кажа Милановиќ.

Набргу стигнал и одговор од Пленковиќ.

– Тој хушкач и измамник е одговорен за пријавата која дојде од бугарската амбасада за напади врз тројца бугарски државјани. Зошто? Бидејќи на Брдо кај Крањ зборуваше против Бугарија – објасни Пленковиќ, додавајќи оти во меѓувреме дознал дека биле нападнати тројца бугарски државјани во Хрватска.

Тој нагласи и дека неговата влада никогаш не ја антагонизирала Бугарија во политички јасното заговарање за поддршка на Македонија. Пленковиќ додаде и дека полицијата ќе утврди дали нападите се поврзани со изјавата на Милановиќ.

Хрватските медии пренесоа дека тамошното министерство за внатрешни работи собира информации за наводните инциденти во кои цел биле бугарски државјани, врз основа на информациите од хрватската влада по соопштението од бугарската амбасада.