На балканската маршрута се зголемува бројот на мигранти што патуваат кон Европската Унија, но со движењето на илегалните премини се изложуваат на опасност да влезат во минско поле поставено во последната југословенска војна

Балканската маршрута повторно е актуелна за мигрантите што се упатиле кон Европската Унија, но со ова расте и веројатноста тие да заталкаат на некои од минските полиња што останале од југословенските војни. Зголемениот број мигранти е поради тоа што земјите од ЕУ ги ублажија мерките за движење на луѓето што беа воведени поради ширењето на коронавирусот. Поради затворањето на граничните премини на унгарската граница, мигрантите се обидуваат да влезат на европска територија преку Босна и Херцеговина и Хрватска. Според извештајот на Фронтекс, од 635 илјади мигранти, најголемиот број што поминуваат преку западнобалканската маршрута е од Сирија, а потоа следуваат Авганистан и Ирак. Повеќето од нив се обидуваат по најкраткиот пат да стигнат до територијата на ЕУ, бидејќи се стравува дека повторно ќе бидат затворени границите поради новиот бран на ковид-19. Нема информации колку мигранти моментално се обидуваат илегално да преминат преку Дрина од Србија во Босна и Херцеговина, а тоа претставува закана за нивниот живот поради големиот број мински полиња што бие поставени за време на последната војна, која беше во периодот од 1991 до 1995 година, пишува „Дојче веле“.
Од Центарот за отстранување мини во БиХ велат дека засега немаат жртви како последица на активирање на некоја експлозивна направа, но нивната портпаролка Свјетлана Лулеџија предупредува дека во близината на Тузла се наоѓаат голем број мигранти, кои успеале да ја преминат Дрина на илегалните премини.

– Околу Тузла во текот на војната се водени борби и на овој простор има многу мини. Полицијата често не може да ги пронајде мигрантите, кои се движат ноќе и надвор од населените места, во предели што се опасни поради поставените мини – вели таа.
Во БиХ сѐ уште има останати мини од Втората светска војна, но најголемиот дел од нив е од времето во 1990-тите години. Се проценува дека во земјата има околу 180.000 неексплодирани мини. Од 1996 година се откриени и деактивирани повеќе од 136 илјади мини. Мините се поставени во 118 од вкупно 145 окрузи.
По војната во БиХ, во експлозии на мини се ранети 1.765 лица, од нив 617 биле со смртни последици, информираат од БХМ. Лулеџија нагласува дека постојано се обновуваат ознаките за мински полиња и последните две години немало ниедна жртва.
Тимот на Црвениот крст, предводен од Санела Лепирица, е ангажиран на ентитетската граница со Република Српска, која некогаш била и линија на фронтот во времето на војната.
– На границите на градот биле поставени мински направи. Овој пат кон Хрватска е многу опасен. Ги предупредуваме мигрантите кога сакаат да се движат низ шумата. Некогаш се доведуваат во опасност, една група од Авганистан влезе во минско поле на хрватската страна на границата – вели Лепирица.

Од Министерството за внатрешни работи од Загреб информираа дека од експлозија на мина загинал еден мигрант, а четири лица биле ранети. Со акција на хрватскиот тим за спасување биле извлечени девет лица од минското поле, кои по експлозијата се разбегале и не ни претпоставиле во каква опасност се наоѓале.
– По војната дознавме дека овде има поставено минско поле, кое е на планинско и тешко достапно подрачје, испресечено со потоци и реки – вели Никша Богданиќ, директор на Хрватскиот центар за деминирање.
Од оваа организација е изработена карта на минските полиња, која секој месец се ажурира и се објавува на социјалните мрежи. Од Центарот за отстранување мини во БиХ е изработена апликација „БХ мини саспект ареас“, а во неа се внесени сите мински полиња во земјата врз основа на „Опен стрит мапс“. Апликацијата функционира слично како на картата на Гугл или на паметните телефони и може бесплатно да се симне од сите оперативни системи.