Мигрантите ги молат грчките граничари да им дозволат да ја искористат нивната држава како „мост кон Европа“ додека илјадници луѓе од Блискиот Исток и од Африка пристигнуваат од Турција, пренесуваат светските медиуми.

Од друга страна, Анкара објави дека испраќа илјада припадници на специјалните полициски сили за да го спречат враќањето на мигрантите назад од страна на грчките сили. 

– Сакаме во Европа, до која било држава што ќе не прифати. Не сакаме да останеме во вашата држава. Таа за нас е само пат, мост преку кој ќе дојдеме во Европа. Не можеме да се вратиме назад, не го барајте тоа од нас – кажа еден од луѓето заробени на меѓуграничниот простор.

Вчера дојде до судири помеѓу мигрантите и грчката полиција, што послужи како повод за размена на меѓусебни обвинувања помеѓу Анкара и Атина. Турција изнесе тврдења за убиени и повредени мигранти во близина на границата, што Грција го негираше, обвинувајќи ја Турција за поттикнување на мигрантскиот бран.