Во земјите од Западен Балкан се наоѓаат околу 10.000 мигранти, од нив околу четири илјади се во БиХ

Од почетокот на април, грчката полиција во близина на Солун употреби солзавец за да ги спречи мигрантите да стигнат до границата со Македонија. Околу две илјади бегалци, поведувајќи се по лажната вест дека повторно е отворена балканската траса, се соочија со полицијата со намера да тргнат на пат за Европа. Околу 70.000 мигранти се наоѓаат во Грција и во регионот на Западен Балкан, се соочуваат со затворени граници од Македонија и од Унгарија, а Бугарија е позната по острото однесување кон мигрантите. „Дојче веле“ направи кратка анализа за состојбата на алтернативна балканска траса, која поминува низ Албанија и Босна и Херцеговина.

Грција
Почетокот на новиот бегалски пат низ Балканот почнува од Грција. Според извештаите на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), во оваа земја се наоѓаат околу 60.000 мигранти. Тие се сместени во згради или во бегалски кампови. Хуманитарните организации ги критикуваат условите во сместувачките капацитети на грчките острови во близина на турската граница. Во нив има мал простор, а бегалците немаат пристап до чисти тоалети и вода.
По склучувањето на договорот меѓу ЕУ и Турција во 2016 година, контролата на поморската граница е засилена, а многу помал број лица успеваат да стигнат до Грција, преку источниот дел на Средоземно Море. Лани тоа го направиле 34.000 мигранти, а во 2019 година преминале 5.600. Претходната година 174 луѓе загинале во обидот да пристигнат во Грција.

Босна и Херцеговина
Поради неможноста за преминување на границите кон Македонија и кон Унгарија, алтернативната траса за мигрантите поминува преку Албанија и Босна и Херцеговина. Во земјите од Западен Балкан се наоѓаат околу 10.000 мигранти, од нив околу четири илјади се во БиХ. Босанските власти очекуваат зголемување на бројот на бегалците кои поминуваат низ нејзина територија. Лани, Европската Унија на БиХ ѝ остави на располагање околу девет милиони евра за сместување на мигрантите.
Границата меѓу БиХ и Хрватска поминува низ непристапен терен. Организацијата за човекови права го критикува односот на хрватската гранична полиција кон мигрантите. Лицата со нерегулиран престој ги враќаат во БиХ, без да се почитува процедурата за азил. Во извештаите на невладините организации има сведоштва од мигрантите дека биле тепани и застрашувани од хрватската полиција. Хрватските органи ги демантираат овие обвинувања.

Албанија
Секоја година околу 20.000 Албанци поднесуваат барања за азил во Европската Унија. По отворањето на алтернативната „патека“, албанската полиција открива многу мигранти без документи. Во 2018 година имало 3.400 мигранти, за разлика од 2017 година кога биле откриени 750 илегални мигранти.
Албанија на почетокот на годината ја ратификува спогодбата за организација за заштита на границите на ЕУ- Фронтекс, која треба да помогне да се прекине преминувањето на албанско-грчката граница. Слична одредба е донесена и меѓу Фронтекс и Црна Гора.
Поради судирите меѓу грчката полиција и мигрантите, Бугарија ја засили заштитата на границата. Мерките на бугарската влада имаа ефект на застрашување. Во 2015 и 2016 година во Бугарија барање за азил поднесувале по 20.000 лица. Во 2018 г. имало само 2.500 барања за азил, покажува статистиката на државните служби задолжени за мигрантите.