Во Босна и Херцеговина владее напната атмосфера поради присуството на десет илјади мигранти, кои со денови чекаат да ја преминат границата со Хрватска. Локалното население се самоорганизира за подобра заштита, плашејќи се мигрантите да не му донесат корона и криминал

Сместувањето на мигрантите во посебни центри во БиХ предизвика и зголемени меѓуетнички тензии во земјата. Српскиот ентитет Република Српска привремено ги задржува мигрантите на својата територија, а тие од понеделникот се наоѓаат на ничија земја, односно во меѓупросторот меѓу двата ентитета. Во мигрантскиот камп „Липа“ во Унско-санскиот кантон мигрантите фрлаа камења кон полицијата, која се обидуваше да ја смири состојбата, по инцидентот меѓу еден мигрант и полицаец. Инцидентот се случил откако мигрантот го нападнал со нож службеното лице, а полицаецот се обидел да се одбрани со испукување еден куршум во воздух.
Во Босна и Херцеговина владее напната атмосфера поради присуството на десет илјади мигранти, кои со денови чекаат да ја преминат границата со Хрватска. Во Велика Кладуша луѓето организираат стражи, затоа што состојбата е хаотична и алармантна и не им дозволуваат на мигрантите да влезат во населбите, плашејќи се од корона, насилство и криминал.
– Народот е во страв од мигрантите и самиот се организира преку социјалните мрежи, а договорен е и голем протест во Бихаќ на 29 август – вели Шесмудин Абдиќ за „Вечерњи лист“.

Полицијата на Унско-санскиот кантон ги контролира сите приоди и не им дозволува влез на мигрантите што постојано пристигнуваат на подрачјето на РС. Властите на Бања Лука веднаш ги транспортираат илегалните мигранти до границата на соседниот кантон, од каде што сакаат да влезат во Хрватска, за да го продолжат патот кон другите земји од Европската Унија. Поради ова водечката бошњачка партија во БиХ, Партија за демократска акција (СДА), побара да се распореди војска на границата со Србија, за да го намали приливот на мигранти.
– Лицемерно е власта на ентитетот Република Српска и Милорад Додик да ги одбиваат овие одлуки, од засилувањето на источната граница до распоредувањето на мигрантите на целата територија на БиХ, а потоа да ги обвинуваат претставниците на бошњачката политика дека сакаат мигрантите да останат во БиХ – велат од СДА, од каде што упатуваат обвинување до Република Српска за „исламофобната политика со обвинување на бошњачката заедница за безбедносните проблеми што ги носи мигрантската криза“.
Новинарот Ердин Халимиќ од „Дневни аваз“ смета дека состојбата во Босанска Краина е хаотична, а причина за тоа е сѐ поголемиот притисок од мигрантската криза на локалната заедница.

– Жителите на Бихаќ, Велика Кладуша и другите градови во БиХ подолго време страдаат поради тоа што има сѐ поголем прилив на мигранти. Населението почна да се самоорганизира и да ги проверуваат автобусите за да ги спречи мигрантите. Два дена мигрантите во блокада го држат и магистралниот пат Босански Нови – Босанска Отока, а претходно ги блокираа и граничните премини. Не треба да се заборави и на криминалниот аспект од престојот на мигрантите, како што се кражби и подметнување пожари, а има и потешки облици на насилство – вели Халимиќ за „Вечерњи лист“.
Властите на Унско-санскиот кантон на 19 август донесоа мерка за забрана на влез и превоз на мигранти на територијата на овој кантон. Министерството за внатрешни работи формирало полициски пунктови на влезот во кантонот, на кои ќе се врши контрола на автобусите. Оперативна група на полицијата е задолжена за итно отстранување на мигрантите што се на улиците, во напуштените објекти, во приватно сместување или на други места. Исто така, на мигрантите што се сместени во камповите им е ограничено движењето надвор од камповите, пишува Радио Слободна Европа.

– Веќе три дена не сум јадел ништо – вели Абдулах Халид од Мароко, мигрант што од Бања Лука тргнал кон Бихаќ, кој се наоѓа на меѓупросторот на границите на два кантона.
На просторот кај Босанка Отока се наоѓаат околу 200 мигранти, кои неколку дена се без помош.
– Нѐ донесоа со автобуси од Бања Лука и нѐ оставија на ова место. Никаде не сме добредојдени. Нѐ бркаат од Сараево, Бања Лука, Бихаќ и Велика Кладуша. Нѐ поведоа од полицијата на Република Српска и нѐ донесоа овде. Не сакам да останам овде, а во мојата држава целиот живот застана – вели Халид.
Од граничната полиција на БиХ информираат дека од јануари до средината на август спречиле повеќе од 7.500 лица што се обиделе илегално да ја преминат границата со БиХ, најголемиот дел на источната граница со Србија и Црна Гора.