Земјите од регионот недоволно се залагаат за исполнување на минималните стандарди за спречување на трговијата со луѓе, се наведува во извештајот на Стејт департментот

Пандемијата на ковид-19 лошо влијае на државите во обидот да ја спречат трговијата со луѓе, а нестабилноста и отсуството на вистински пристап од институциите влијаат на брзото зголемување на бројот на луѓето што се изложени на експлоатација од трговците со луѓе. Во светот над 25 милиони деца и возрасни лица се изложени на присилна работа и на сексуална експлоатација. Од земјите во регионот најлошо е рангирана Босна и Херцеговина, која е во втората листа на земјите, направена според согледувањата на Стејт департментот за 2020 година. Општите недостатоци на земјите во регионот, кои се забележани во годинашниот извештај, се недоволното финансирање за заштита на жртвите на трговијата со луѓе и судската практика, која не изрекува доволно високи казни за сторителите, пренесува Радио Слободна Европа.
Властите во Босна и Херцеговина не ги исполнуваат во целост минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе, но вложуваат значајни напори за ова прашање. БиХ сѐ уште нема усвоен буџет на државно ниво и тоа ги одложува напорите во борба против нелегалните миграции. Полициските служби иницирале помали процеси, но немало сериозни истраги што се насочени кон жртвите. Непосредните безбедносни служби и натаму се неефикасни, пишува во делот посветен за БиХ.

Американската амбасада во Сараево предупреди дека БиХ трета година едноподруго се наоѓа на второто ниво на класификацијата и ризикува да се најде на најниското ниво, доколку не ги засили напорите во борбата против трговијата со луѓе. Препораките на Стејт департментот се однесуваат на посилно истражување, процесирање и осудување на трговците со луѓе, вклучувајќи ги и „кои било државни соучесници“. Во БиХ се идентификувани 61 потенцијална жртва на трговија со луѓе (овој број во 2019 година бил 36), од нив 19 случаи за трговија со жени, 36 биле за присилно питање, три принудни брака за присилно питање и сексуално искористување. Државните судови не осудиле ниеден сторител, а две лица се ослободени од обвиненијата.
Хрватска, како и БиХ, се наоѓа во втората категорија земји, но таа не е на листата на следење кога е во прашање трговијата со луѓе. Во оваа група земји се и земјите што не ги исполнуваат во целост стандардите на американскиот Акт за заштита на жртвите со трговија со луѓе, но вложуваат значајни напори за тој проблем.

Во споредба со претходната година, Хрватска вложила засилени напори за решавањето на овој проблем, а спроведени се и кампањи за издигање на свеста за овој проблем, кои следуваа по зачестените критики на странските медиуми за лошиот третман на мигрантите од страна на хрватската полиција. Владата идентификувала 25 жртви, од нив 13 се за трговија на жени, три жртви за присилна работа, седум на присилен криминал, една за трудово искористување и една жртва била за „наметнување ропство“. Хрватските судови изрекуваат благи казни за трговија со луѓе, а некои обвинители не ја разбираат оваа проблематика, посочуваат од американскиот СД.
Слични оцени се дадени и за Косово, но за оваа земја се препорачува да обезбеди доволно финансиски средства за финансирање на центрите за жртви од трговијата со луѓе, што се водат од невладините организации. Полицијата на Косово уапсила 22 осомничени лица за трговија со луѓе и деветмина за користење сексуални услуги од жртвите. Судовите изрекле казни за осум шверцери и за пет сторители што користеле сексуални услуги.

Црна Гора направила значаен напредок во врска со спречувањето на трговијата со луѓе, а се истакнува случајот со откривањето на тајванската група. ЦГ напредувала на листата на земји и премина во групата во која се Хрватска, Косово и Србија. Што се однесува на Србија, таа не ги исполнува минималните стандарди во неколку клучни подрачја, како што е непочитување на правата на жртвите во судските постапки. Владата на Србија процесирала 47 осомничени лица, од нив 33 биле за „трговија со секс“ и 14 за присилна работа.
Владата на Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но вложува значителни напори во однос на претходниот период. Нашата држава е на нивото два. Судовите, вклучувајќи ги и апелациските судови, издадоа поостри казни од претходните години. Владата ги зголеми севкупните напори за превенција, како што е формирање и обезбедување независна канцеларија на националниот известувач за борба против трговијата со луѓе и организирање кампањи за издигнување на свеста. Сепак, Владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области.

Полицијата немаше доволно финансии и опрема за спроведување проактивни истраги, а Обвинителството за организиран криминал и корупција немаше доволно ресурси, вклучувајќи и персонал, за да се справи со сите случаи под нивна надлежност. Загрижуваат корупцијата и соучесништвото на државни службеници во кривичните дела трговија со луѓе. Владата во последниве години не гонела ниту еден службеник за соучесништво што се однесува на трговијата со луѓе, се наведува во извештајот на Стејт департментот.