Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска изјави дека процесот на формирање на косовската војска не се однесува на датумот 28 ноември, како што претходно тврдеше српскиот претседател Александар Вучиќ.

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека има сознанија оти косовската војска ќе биде формирана на 28 ноември, кога се обележува Денот на албанското знаме.

Според него, Албанците имаат намера на Денот на албанското знаме да го прослават и одбележат со создавање војска на Косово.

– Тоа е спротивно и на нивниот Устав и на сите меѓународни договори, и на Резолуцијата 1244 и на кумановскиот договор, и на Бриселскиот договор и на бриселскиот договор кој го имаат со НАТО, рече Вучиќ.

Харадинај го негираше ова тврдењето на Вучиќ, потенцирајќи дека „процесот не се однесува на тој датум“.

Инаку, Харадинај, пред утрешната седница на косовското Собрание на која ќе се расправа за дијалогот меѓу Белград и Приштина, изрази очекувања дека ќе биде пронајден заеднички јазик со опозицијата, бидејќи, како што рече, „заедно ќе се залагаме за нашите национални интереси“.