Заменик-помошникот на државниот секретар на САД и специјален претставник за Западен Балкан, Метју Палмер, рече дека по пандемијата на коронавирусот, секаде треба да следува укинување на привремените мерки и враќање на почитувањето на претходните граѓански слободи.

Во интервју за „Гласот на Америка“ на српски јазик, за американската помош во регионот во борбата против ковид-19, Палмер истакна дека Америка дава значителна помош за Балканот, но дека таа помош понекогаш е заемна.

Тој рече дека во регионот, како и во поголемиот дел од светот, најитно се потребни тестови, опрема за лична заштита и поддршка за персоналот во итни случаи потсетувајќи дека во Србија стигнале 6.000 теста на коронавирусот и помош во храна и санитарни пакети.

– Ќе бидат потребни 500 милиони американски долари за да им се помогне на земјите од целиот свет во нивните најитни потреби. Дел од тие пари ќе пристигне во балканските земји, секако, но тие ќе се влеваат во системи во чија изградба и зајакнување САД помогнале со текот на годините – рече Палмер цитирајќи дека Соединетите Американски Држави инвестирале милијарди долари помош во регионот во изминатите 20 години.