Албанскиот премиер Еди Рама и официјално ја презеде функцијата министер за Европа и надворешни работи, откако денеска претседателот на Албанија, Илир Мета ги потпиша уредбите за разрешување на досегашниот шеф на дипломатијта Дитмир Бушати и за назначување на Рама на оваа функција.

Во образложението, шефот на државата, информира дека го сторил тоа за да избегне „создавање на институционална криза која би била на штета на позицијата на Република Албанија во меѓународните односи“.

– На 14 јануари 2019 година, претседателот го доби новиот предлог за назначување на премиерот Еди Рама и за министер за Европа и надворешни работи. Именувањето на премиер за министер е посебен случај, што не е предвидено, но ниту забрането со Уставот на Република Албанија. При разгледувањето на овој предлог, претседателот на Републиката, исто така, го имаше предвид и значењето да се избегне каква било можност за создавање на институционална криза која ќе и наштети на положбата на Република Албанија во меѓународните односи, стои меѓу другото во соопштението од претседателскиот кабинет.

Уредбата е потпиша, откако вчера новоименуваните министри дадоа свечена заклетва пред претседателот Мета.

Претходно, Мета одби да го именува Косовецот Гент Цакај за нов министер за Европа и надворешни работи, по што премиерот Рама се предложи себе си за таа функција, предупредувајќи го дека „ќе се видат пред новиот Уставен суд“.