Албанскиот претседател Илир Мета, еден ден по доставувањето на предлогот за нови министри во Владата од страна на премиерот Еди Рама, денеска потпиша уредба за смена на шестмина претходни и наименување на новите министри и еден вицепремиер.

Мета не се согласува и не потпиша уредба да биде сменет досегашниот министер за Европа и надворешни работи Дитмир Бушати, на чие место Рама го предлага Косовецот Гент Цакај, кој до сега беше заменик министер во истото министерство.

Шефот на државата се согласи на смена на вицепремиерката Сенида Меси на чие место доаѓа Ерјон Браче, потоа на Линдита Никола, министерка за образование и на нејзино место доаѓа Беса Шахини, актуелен заменик министер во истото министерство, исто така Косовка. Наместо Арбен Ахметај, нов министер за финансии и економија ќе биде Анила Денај, додека Белинда Балуку ќе го замени Дамиан Ѓикнури, министер за инфраструктура и енергетика.

Бледи Чучи ќе го замени Нико Полеши на функцијата министер за земјоделство, Елва Маргарти е нова министерка за култура, која доаѓа на местото на Мирела Кумбаро, додека Едуард Шалси е нов државен министер, на местото на Сонила Ќато.

Премиерот Рама го враќа повторно министерството за односи со Парламентот и за негов прв човек ја назначува Елса Спиропали.

По потпшувањето на уредбата, новите министери треба да дадат заклетва пред Мета, а потоа само формално да бидат изгласани во Парламентот.

Ова е прва темелна реконструкција на Владата по формирањето во септември минатата година.