По повод 106-годишнината од прогласувањето независност на Република Албанија, албанскиот претседател Илир Мета со орден „Национално знаме“ го одликува поранешнот хрватски претседател Стипе Месиќ.

Според Мета, ова големо признание се доделува за континуираното залагање на Месиќ во заштита на интересите на Албанците на Балканот. Во обраќањето, Мета го посочи факотот дека Месиќ ги заштитувал и интересите на Косово и напорите за неговата независност.

– Претседателот Месиќ е незаменлив пријател кој ги штити правата на Албанците, кој повеќе од 50 години дава поддршка на Албанците. Во најтешките моменти на албанската нација, остро се спротивстави против режимот на Милошевиќ на Косово и крвавата војна. Тој беше силен глас против масакрите и етничкото чистење што ја придружуваше оваа војна. Како претседател на Хрватска во два мандата продолжи да ја брани каузата за Косово и неговата независност. Тој е неуморен поборник за заштита на гласот на Албанците во Македонија и во Прешевската Долина – рече меѓу другото Мета.

Примајќи го одликувањето Месиќ рече дека за него е огромна чест бидејќи се вреднува неговата работа и му дава сила за продолжување на мисијата.

– Денеска го примам ова признание за она што го направив, но и за она што треба да направам. Како што знаете, јас сум бил претседател во Хрватска 10 години. Работев и соработував со Албанија и за правата на Албанците на Балканот, рече меѓу другото Месиќ.

Месиќ ја повика ЕУ да ја забрза интеграцијата на Југоисточна Европа во Европската унија.