Буљарица, познатото летувалиште во Црна Гора, е најзапуштен и инфраструктурно неопремен простор во будванската општина, а во ова место живеат 300-400 луѓе. Владата на Црна Гора одлучила забрзано да ја подготви документацијата за т.н. валоризација на овој најмалку изграден и највреден дел на брегот на општината Будва.
Жителите на Буљарица се согласни дека нивното место треба да се развива, но предупредуваат дека не смее да се дозволи таа да личи на будванското поле, кое е пренатрупано со згради и други објекти. Локалните жители се плашат од „будванизација“ на нивниот простор за живеење и се сомневаат дека зад планот да се изградат неколку хотели, постојат бизнис-интереси за нови илјада стана што би се изградиле во заливот.

Овој простор е еден од ретките на брегот на јужен Јадран што е недопрен и претставува природен бисер на црногорското крајбрежје. Претседателот на советот на месната заедница Ѓорѓе Грегориќ, за „Новости“ вели дека во прашање е опстанокот на жителите. Тие сметаат дека никој нема право да одлучува во нивно име без да се прашаат и граѓаните за тоа.
– Ние сме како иден златен рудник на некои фини, богати и немилосрдни луѓе или корпорации. Знаеме дека тие луѓе и корпорации се некаде далеку, на пример на Кајманските или Девствените Острови – вели Грегориќ.

Во периодот од 2014 година до денес, преку Законот за експропријација, предложен е лекс специјалис за потребите на валоризација на Буљарица. Се планира отстапување на заливот Буљарица на компанија од Катар на период од 90 години. На овој начин, намерата на Владата на ЦГ е месното население да се натера на иселување или да се согласи да живее во гето. Затоа е потребно од сите сопственици на земјиште и од Митрополијата црногорско-приморска да се направи декларација за Буљарица што ќе претставува добра почетна точка за идните преговори. Буљарица од 1970 година е заштитено подрачје на природата, а од 2002-та е подрачје со посебни природни карактеристики. Државата е потписник на многу договори за заштита на природната средина што ја промовираат ОН и нејзините тела.