Србија

Владата на Србија донесе одлука за олабавување на рестрикциите, кои предвидуваа затворање на сите објекти, освен на продавниците за храна, аптеките и бензинските пумпи. И покрај тоа што бројките на новозаразени во Србија не се намалуваат, со новата одлука се отвораат кината, театрите, галериите, библиотеките и фризерските салони. За овие објекти важат нови услови – по 9 квадратни мерки по човек, како и фитнес-клубовите, бањите и спортските сали, каде што мора да има по 16 квадратни метри по лице. Угостителските објекти и трговските центри остануваат затворени. Тие ќе можат да продаваат храна и пијалаци со испорака 24 часа на ден или шалтерски, додека хотелските ресторани и кафулиња може да работат до 21 часот, и тоа само со гости со регистриран престој.
Епидемиологот и член на кризниот штаб Предраг Кон за РТС изјави дека медицинскиот дел од Кризниот штаб имал јасен став дека сè треба да се затвори најмалку 14 дена за да може навистина да се намали нивото на активност на вирусот.
– Сепак, ние го имаме таканаречениот економски диктат и ова се факти што не можат да се игнорираат. За само два дена пристигнаа 85 јасни поплаки и барања за изземање – рече Кон.
За порастот на бројот на заразени и покрај масовната вакцинација, Кон рече дека тоа е резултат на олабавувањето на луѓето, бидејќи со приемот на вакцинацијата тие почувствувале некакво ослободување и почнале да се собираат.