Германската канцеларка Ангела Меркел вчера пристигна во еднодневна посета на Србија, која се реализира на крајот од нејзиниот последен мандат. Таа ќе се состане со српскиот претседател Александар Вучиќ, а како што објавија српските медиуми, главни теми на нивниот состанок ќе бидат дијалогот меѓу Белград и Приштина, интеграција на Србија и другите држави на Западен Балкан во Европската Унија и германските инвестиции во српската економија. Утре, Меркел ќе отпатува во Тирана, каде што ќе оствари заеднички состанок со премиерите на сите земји од Западен Балкан.
Германија ја поздравува секоја регионална иницијатива за соработка на Западен Балкан, но важно е соработката да биде инклузивна и да ги опфаќа сите шест држави од регионот – изјави во интервју за „Дојче веле“ државниот секретар во германското министерство за надворешни работи, Мигел Бергер.
– Ние сакаме одржливо зајакнување на соработката помеѓу сите шест држави од Западен Балкан. Ние го следиме овој пристап во Берлинскиот процес – вели Бергер, коментирајќи ја иницијативата „Отворен Балкан“. Тој потенцира дека од напредокот во реализацијата на заедничкиот регионален пазар зависи и колку пари од ЕУ ќе пристигнуваат во регионот.
Три од шесте држави во регионот, Косово, БиХ и Црна Гора, одбиваат да се приклучат кон иницијативата „Отворен Балкан“.