Германската канцеларка, Ангела Меркел, вечерва во Белград рече дека прашањето за Косово нема да исчезне и мора да се реши, но дека некои прашања се решаваат на крајот од некој процес, а српскиот претседател, Александар Вучиќ, истакна дека Србија е свесна за условот за влез во ЕУ.

На прашање на германски новинар за канцеларката Меркел дека пред 10 години, кога таа го посетила Белград, на дневен ред било дека Србија мора да го признае Косово доколку сака да влезе во ЕУ и дали тоа е неизбежен услов, таа нагласи дека некои прашања ќе се решат на крајот на процесот.

Меркел потсети дека не сите членки на ЕУ го признале Косово, но дека ова е прашање што мора да се реши со цел Србија да добие согласност од сите членки за членство.

„Нема смисла да се зборува за крај на еден процес пред да се решат други проблеми. Ова прашање нема да исчезне, мора да се реши. Но, јас сум за патот каде што најпрво ќе се решаваат сите други прашања. Се надевам дека ќе имаме нов напредок во процесот околу Косово“, објасни таа на заедничката прес-конференција со српскиот претседател.

Меркел рече дека Германија, врз основа на својата историја, многу добро знае дека е потребно време за решавање на ваквите прашања и потсети колку долго траело обединувањето на Германија, додека не се дошло, како што кажа, до договорот.

Вучиќ истакна дека Србија знае кој е условот за влез во ЕУ, дека тој лежи во решавање на односите со Приштина.

„Не го криеме тоа од нашата јавност. И вечерва, кога сите нè следат, нема со ниту еден збор да го негирам тоа сознание. Затоа водиме дијалог на сериозен начин“, објасни српскиот претседател. Тој посочи дека, како што се слуша дека Приштина има свој устав, така има и Србија и таа мора да го почитува.

Подвлече дека Србија е подготвена да разговара за сите компромисни решенија, да разговара за уредување на односите, а пред тоа да се постигне согласност дека има слободен проток на стоки, услуги, пари и луѓе, да се зближат луѓето, бидејќи, како што кажа, тогаш ќе биде полесно да се најде решение.

„Ако прашањето е дали сме свесни дека нема да влеземе во ЕУ пред да го решиме косовското прашање – тоа е апсолутно јасно“, нагласи тој.

Канцеларката вечерва рече и дека е оптимист кога станува збор за продолжување на Берлинскиот процес, како и дека целта е сите шест земји од Западен Балкан да учествуваат во интегративните процеси.

Таа на заедничката прес-конференција со Вучиќ кажа дека секој избран германски канцелар ќе се залага за таков развој за земјите од Западен Балкан, што ќе го вклучува Берлинскиот процес.