Договорите постигнати во рамките на дијалогот Белград – Приштина мора да бидат имплементирани, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со косовскиот претседател Хашим Тачи во Берлин.

– Односите меѓу Косово и Србија се главно прашање на патот на двете земји кон Европската унија. Тоа не е лесна тема, но има напредок во врска со ова прашање. Односите меѓу двете земји ќе бидат разгледани и на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, истакна Меркел. 

Целата прес конференција Тачи ја посвети на дијалогот со Србија, додека канцеларката Меркел зборуваше и за борбата против корупцијата и големата невработеност на Косово.

– Од витално значење е нормализирање на односите меѓу Косово и Србија , рече Тачи, додавајќи дека е потребно  спроведување на сите постигнати договори меѓу двете земји.

Тој истакна дека Косово е подготвено да го отвори „конечното поглавие“ со Белград со цел да се постигне „законски обврзен договор за целосна нормализација на односите меѓу Белград и Приштина“.

– Знам дека конечната фаза од дијалогот нема да биде лесна ниту за Косово ниту за Србија. Но, нема друг пат за напредок ниту за Косово ниту за Србија, освен дијалог и договор. Заедно треба да изнајдеме начин да постигнеме еден конечен договор, кој ќе стави крај на трагичната историја и ќе го отвори патот кон мирот и помирувањето на нашите народи, наведе Тачи додавајќи оти процесот треба да заврши со реципрочно признавање.

Двајцата соговорници односите меѓу Германија и Косово ги оценија како добри.