За време на туристичката сезона, Црна Гора е изложена на критики од медиумите во Србија, кои со своите наслови ја прикажуваат оваа земја како непожелна туристичка дестинација. Црногорските туристички работници во разговор за „Вијести“ велат дека оваа медиумска пропаганда е присутна во последните десетина години. Зад ова стојат српските туристички агенции, кои промовираат други дестинации, но годинава тоа се поклопува и со нарушениот политички амбиент, што е дополнителен импулс за објавувањето лоши вести за условите за летен одмор во Црна Гора.

Директорот на Јавното претпријатие „Морско добро“, Предраг Јелушиќ, се согласува со ставот дека некои од српските медиуми водат негативна кампања, но за тоа свој придонес даваат и домашните медиуми.

– Сигурно и на некои други дестинации во опкружувањето има инциденти или се случува некоја цевка од канализација да се излева. Ние сме сведоци дека вакви информации домашните медиуми објавуваат и во текот на главната сезона. Во другите земји постои свест за економски патриотизам и нивните медиуми овие информации не ги објавуваат или тие се пласираат како маргинални вести – вели Јелушиќ.

Претседателот на одборот за туризам на Стопанската комора на Црна Гора, Драган Пурко Иванчевиќ, истакнува дека негативната кампања е одраз на нездравата конкуренција, која сака да обезбеди подобра позиција на пазарот.

– Во ова има и многу политика, со намера на Црна Гора по секоја цена да ѝ се нанесе штета. Црна Гора со години докажува дека е еднакво отворена за сите пазари, а секој турист може да се чувствува безбедно и секој гостин ќе биде еднакво услужен – изјави Иванчевиќ за „Вијести“.